
Бугарската полиција открила голема нелегална плантажа со канабис сместена во повеќе од 20 подземни галерии во напуштен рудник за цинк, а тројца лица се обвинети, додека по едно лице сè уште се трага, објавија бугарските медиуми.
Според заменик-директорот на Генералната дирекција за борба против организираниот криминал, Емил Борисов, досега се запленети околу 70 килограми дрога, 600.000 евра во готово и 600 парчиња муниција.
„Поранешниот рудник бил опремен со високотехнолошка инфраструктура и најверојатно се користел за масовно производство на дрога наменета за шверц во странство“, изјавил Борисов.
На брифингот, заменик-градскиот обвинител Вихар Михаилов соопштил дека во рудникот има повеќе од 20 тунели, а сопственикот на објектот засега не е меѓу обвинетите.
Објавените фотографии покажуваат дека дел од подземните галерии биле претворени во модерни оранжерии за одгледување канабис, додека други служеле како живеалишта за лицата кои престојувале таму.
Според заменик-директорот на Дирекцијата за рударство во Бугарија, Дарин Костов, местото функционирало како вистински подземен град со повеќе објекти и инфраструктура.
Истрагата продолжува, а бугарските власти најавуваат дека случајот е сложен и дека ќе бидат потребни месеци за целосно расчистување, со вклучување на експерти за рударство и други институции.


