Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Со формирањето на Комитетот за јавни инвестиции, државата воспоставува поцврст и поодговорен механизам за одлучување

20260429114550 big 730x400 27.webp.webp

Како Влада во изминатиот период ги поставивме темелите. Сега е време тие темели да се надградат со систем кој ќе гарантира резултати. Затоа што дојде времето на Македонија да гради паметно, да инвестира стратешки и да испорачува конкретни резултати, рече денеска премиерот Христијан  Мицкоски во обраќање на седницата на Комитетот за јавни инвестиции. 

Со формирањето на Комитетот, посочи, државата воспоставува нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој не се води од импровизации, туку од јасни критериуми, визија и стратегија, 
 
– Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност. Таму каде што носи раст, отвора работни места и го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати, рече Мицкоски. 
 
Листата на проектни идеи која денеска се разгледува, како што рече, е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.
 
– Во транспортот, зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија. Во образованието, продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Универзитетот „Мајка Тереза“. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем. Во здравството, инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин, наведе Мицкоски. 


Во дигиталната трансформација, дополни, поставуваме темели на модерна држава преку воспоставување на владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната сајбер безбедност. Тоа е основа за ефикасна, транспарентна и дигитална администрација. Во земјоделството и водостопанството, инвестициите во системите како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната. Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството.
 
– За секоја од овие проектни идеи, Министерството за финансии даде позитивно мислење за продолжување во следната фаза. Тоа значи дека се работи за сериозни, издржани и остварливи иницијативи. Но, токму тука започнува вашата најголема одговорност. Комитетот не е формалност. Комитетот е филтерот на квалитетот. Вашата задача е да ја утврдите листата на оценети и одобрени проектни идеи, која ќе биде основа за првата Конечна приоритетна листа на јавни инвестиции, порача Мицкоски. 

Со Комитетот за јавни инвестиции претседава министерот за финансии, а во неговиот состав се вклучени сите ресорни министри, што треба да овозможи одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлозите.

Формиран врз основа на Законот за буџетите, Комитетот за јавни инвестиции работи во согласност со уредбата за управување со јавни инвестиции.

Можете да прочитате

Возач од Батинци „летал“ со 244 км/час на автопат

Акциска контрола на СВР Битола, казнети 80 мотоциклисти и 10 возачи на електрични тротинети

Мојсоска: Повеќе од една година лицата со хемофилија живеат во голгота поради недостиг на лекот ‘фактор 8’