
Личните примери понекогаш најсилно ја покажуваат важноста на заштитната опрема, која често се доживува како непотребен товар. Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), во финалниот дел од гостувањето во емисијата „Ноќно студио“, сподели емотивна приказна која ја потврдува смислата на неговата долгогодишна професионална мисија.
Петковски се присети на случај со негова колешка која првично негодувала поради задолжителното носење заштитни чевли со челична капа, односно стандард S3.
По извесно време, додека била на терен, врз нејзините нозе паднала метална винкла тешка околу 50 килограми.
„Ми рече дека ме благословува, бидејќи да не биле тие чевли, ќе останела без прсти. Таквите мали победи се она што ме држи во оваа професија веќе дваесет години“, изјави Петковски.
Тој нагласи дека безбедноста не смее да се гледа како товар, туку како неопходна заштита која во критичен момент може да спаси здравје, па и живот.
За да се промени менталитетот, Петковски откри дека во соработка со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието се работи на воведување на безбедносна култура уште од најрана возраст.
Според него, наместо нови предмети, идејата е во постојните наставни содржини да се вметнат практични совети.
„Ако учиме за струја, на истата страница треба да има и дел за опасностите и како да се заштитиме“, појасни тој.
Петковски повлече паралела и со родителското воспитување, нагласувајќи дека првата работа што им ја кажуваме на децата е да не ставаат прсти во штекер.
„Безбедноста е наш природен инстинкт. Само треба истиот принцип да го пренесеме и на работното место“, рече тој.
Во однос на реформите, Петковски повторно потенцираше дека не се потребни нови пари од буџетот, туку паметна прераспределба на постојните средства.
„Потребна е мудрост и љубов кон сопствениот народ за да се каже – ова ќе го смениме. Тоа ќе биде најдобриот влог за следната генерација“, нагласи тој.
Сепак, разговорот го заврши со загрижувачка констатација – Македонија сè уште нема сеопфатна анализа за причините за несреќите при работа.
Според него, ниту една земја не успеала целосно да ги елиминира несреќите, но развиените општества учат од секој инцидент за да не се повтори, додека кај нас лекциите најчесто остануваат ненаучени.


