
Прекуграничното управување и зачувување на динаро-пиндската популација на кафеавата мечка е главната цел на новиот европски проект LIFE DinPin Bear (LIFE24-NAT-DE-LIFE DinPin Bear/101214048), којшто до 2031 година ќе го спроведуваат дури девет европски држави, вклучително и Македонија, под водство и координација на германската организација „ЕуроНатур“. Токму затоа, Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање беа меѓу речиси 50 учесници од 21 партнерска организација коишто минатата недела учествуваа на првата проектна средба во Будва, Црна Гора.
Динаро-пиндската популација на кафеавата мечка (Ursus arctos) се протега низ деветте земји учеснички на проектот: Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија. Со околу 4000 единки, оваа е најголемата популација на мечки во Европа, поради што нејзиното зачувување е истовремено и голем предизвик и голема неопходност.
„Преку научен пристап и методологија, за првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија, што ќе придонесе кон зачувување на нејзината екологија. Овој проект ќе ни овозможи да добиеме одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популација и улога во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки воопшто живеат во македонските шуми“, објаснува Александар Стојанов, координатор на проектот во МЕД.
Кафеавите мечки отсекогаш биле прогонувани, иако ги избегнуваат луѓето. Како најголеми сештојади на континентот, тие имаат клучна улога во нивниот екосистем: ги регулираат биодиверзитетот, структурата на живеалиштата и циклусите на хранливите материи. Хрватска, Словенија и Грција досега имаат спроведено успешни практики за зачувување и закрепнување на популацијата на мечката, но нејзината долгогодишна одржливост е доведена во прашање поради конфликтите меѓу човекот и мечката и загрозените живеалишта.
Оттука, проектот, кој е кофинансиран од програмата LIFE на Европската Унија, ќе се фокусира на креирање на неопходните правни, управувачки и социо-економски услови за да се осигура зачувувањето на популацијата на кафеавата мечка долж Динаро-Пиндскиот планински масив. Во пракса, ова значи дека ќе се пополнат празнините во управувањето со мечката во земјите кои не се дел од ЕУ и ќе се обезбеди координирано прекугранично управување на популациско ниво. Токму затоа, проектот е замислен како мултидисциплинарно партнерство меѓу универзитети и истражувачки институции, национални и локални власти и невладини организации од областа на екологијата и животната средина, а секоја земја ќе учествува со претставници од една владина институција и една невладина организација.


