Утрински Весник
Македонија

Левица: Државата не е способна ниту мизерниот 1% од концесиите да го наплати

Levica.webp.webp

Соопштение на Левица:

Денес, на Комисијата за економски прашања, пратениците од Левица започнаа со филибастер, односно долго говорење по претходно поднесените 1.000 амандмани кон предложените измени од ДПМНЕ по скратена постапка за Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, како нужност да се апелира за опасниот законски инженеринг кој треба да го легализира веќе постоечкиот хаос и грабеж во секторот на минерални суровини.


Податоците од Државниот завод за ревизија се јасни и не оставаат простор за политичка интерпретација. На пример, државата од дадената концесија за мермер добива само 1% од вредноста на продадениот производ за четири години. Во исто време, концесионерите генерираат многукратно поголеми приходи.

Во истиот извештај се констатирани ненавремено наплатени надоместоци во износ од 1.174.809.000 денари, односно околу 19 милиони евра. Дополнително, утврдени се и помалку наплатени средства од над 21 милион денари. За овие долгови институциите не пресметуваат законска затезна камата. Тоа значи дека државата не само што наплатува минимално, туку не го наплатува ни она што ѝ следува!

Системот за надзор е исто така компромитиран. Од 107 донесени решенија за отстранување неправилности, во 30 случаи не е извршен контролен надзор. Недостигот од кадар и техничка опрема директно влијае врз неможноста да се утврди реалната количина на експлоатација. 
Ревизијата утврдува и конкретни случаи на експлоатација надвор од дозволеното концесиско поле – речиси 10.000 м² незаконски ископ!

Во вакви услови, кога државата нема целосен катастар на минерални суровини, кога регистрите не се ажурирани и кога не постои стратегија за управување повеќе од една деценија, тезата дека со олеснување на процедурите државата ќе добие повеќе приходи е спротивна на сите расположливи факти!

Олеснување на процедури во поданички систем со: ненаплатени десетици милиони евра, симболични концесиски надоместоци, слаб или речиси никаков инспекциски надзор, незаконски ископи – не значи зголемување на приходите, туку зголемување на ризикот од уште поголеми загуби, додека нашите природни богатства ќе ги снемува за трошки, а реките, почвите немилосрдно ќе ни се загадуваат!

Дополнително, предложените измени овозможуваат доделување концесии и започнување експлоатација без расчистени имотно-правни односи, односно со иницирана постапка за експропријација. Во пракса, тоа значи дека правната заштита на сопственоста се поместува во втор план, а економскиот интерес на концесионерот добива приоритет.

Економскиот ефект од ваквиот модел е веќе измерен, односно со ниски приходи за буџетот, висок профит за концесионерите, минимални средства за рекултивација и долгорочни последици врз животната средина!

Во услови кога постојниот систем генерира загуби и правна несигурност, рационален пристап подразбира заострување на критериумите, зголемување на надоместоците, целосна евиденција, функционален инспекциски надзор и јасна стратегија за управување со ресурсите. Предложените измени на ДПМНЕ одат во сосема спротивна насока.

Ја повикуваме власта на ДПМНЕ да ги повлече предложените измени и да отвори процес на суштинска реформа базирана на факти, транспарентност и заштита на јавниот интерес!

Можете да прочитате

ОJO со детали за физичката пресметка пред угостителски објект во Скопје, покрената истражна постапка

Маж од гостиварско ја следел поранешната девојка и преку лажни профили и упатувал закани

Филипче: Никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието