Утрински Весник
Македонија

Рускоска за 27 април: Немаше монтиран процес, доказите ги виде цел свет

Img 3094.jpeg

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ, отворено проговори за еден од најобемните и најчувствителни судски предмети во поновата македонска историја – упадот во Собранието на 27 април.

Русковска категорично ги отфрли обвинувањата дека станувало збор за монтиран процес, прикривање докази или постапување по политички диктат. Според неа, предметот бил воден врз основа на цврсти материјални докази, а пресудата била потврдена и од Апелациониот и од Врховниот суд.


„Ниедна изјава на ниеден сведок не беше сокриена од одбраната“, порача Русковска, нагласувајќи дека адвокатите имале увид во сите материјални докази, кои биле скенирани и доставени.

Таа потсети дека настаните од 27 април беа документирани со бројни видеоматеријали и дека, како што рече, „целиот свет ги виде доказите“. На шпекулациите дека би можеле да се појават нови докази за повторување на постапката, Русковска одговори дека тешко може да се замисли доказ кој би го оповргнал она што веќе јавно било видено.

Поранешната обвинителка се осврна и на правната квалификација на делото, посочувајќи дека во јавноста често погрешно се толкува обвинението.

Според неа, обвинетите не биле гонети за класично кривично дело „Тероризам“, туку за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Русковска објасни дека станува збор за различни кривични дела, сместени во различни глави од Кривичниот законик.

Таа ги отфрли и тврдењата дека предметот бил воден по налог на тогашната власт на СДСМ. Како аргумент го наведе фактот дека токму во време на таа власт таа била суспендирана и разрешена од функцијата, што, според неа, покажува дека не работела под политички диктат.

Говорејќи за политичките ветувања за амнестија на осудените за 27 април, Русковска рече дека не се кае за водењето на процесот. Таа додаде дека не би имала ништо против доколку најавената амнестија не се реализира, потсетувајќи дека и претходната влада веќе амнестирала дел од обвинетите преку Закон за амнестија.

„Одговорноста е кај политичарите кои даваат ветувања што потоа не ги исполнуваат“, посочи Русковска.

Во интервјуто, таа го посочи предметот за 27 април како пример за ефикасно водење на обемен судски процес. Иако во истрагата биле сослушани над 80 сведоци, обвинителството на суд повикало околу 30 до 37 клучни сведоци.

Русковска објасни дека немало потреба сите повредени лица да ја повторуваат истата приказна во судница, бидејќи нивните повреди биле веќе документирани со лекарски уверенија и наведени во обвинението. Според неа, масовното повикување сведоци кои сведочат за исти околности само непотребно ги одолговлекува постапките.

На прашање од гледачите, Русковска потврди дека лично постапувала и во одвоениот предмет за организаторите на настаните од 27 април. Во тој предмет, меѓу другите, беше опфатен и поранешниот премиер Никола Груевски, додека другите предмети поврзани со него биле во надлежност на поранешното Специјално јавно обвинителство.

Можете да прочитате

СДСМ: 9 години од крвавиот 27 април – ги гледаме истите тенденции на заробена држава

Кој навистина ги претставува пензионерите, здруженијата или системот?

Законот за пратеници денеска влегува во Собрание