
Реакција на Левица на прес-конференцијата на пратеникот Стојаноски:
По поднесените 1000 амандмани од страна на Левица за Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно – приватно партнерство, како и по реакциите од партијата, но и од голем број здруженија дека овие закони се закана по животната средина и имотот на граѓаните, пратеникот од ДПМНЕ, Бојан Стојаноски излезе на прес – конференција да ги брани. Според него законите не се закана за животната средина туку само ја зајакнуваат државната контрола.
Наративот на Стојаноски и ДПМНЕ за олеснување на процедурите и отстранување на административни пречки е класичен обид да се прикрие суштината, а тоа е намалување на заштитата на приватната сопственост и концентрирање на моќта во рацете на мал број актери.
Доколку навистина станува збор за транспарентен и фер процес, тогаш логично се поставува прашањето – зошто, на пример, договорот со Бехтел и Енка е класифициран како таен? Транспарентноста не се докажува со изјави, туку со достапност на информации. Во отсуство на тоа, сомнежот е оправдан.
Дополнително, новите законски решенија сериозно ја доведуваат во прашање приватната сопственост на граѓаните. Она што се нарекува „административна пречка” во суштина е механизам за заштита, гаранција дека никој нема лесно и произволно да посегне по туѓ имот. Отстранувањето на тие механизми не значи ефикасност, туку отворање простор за злоупотреби.
Со ваков пристап, се создава опасен преседан каде капиталот добива поголема тежина од институциите, државата и граѓаните. Наместо баланс, добиваме систем во кој крупните интереси и олигарсите можат да диктираат правила.
И на крај, не може да се игнорира фактот дека ваквите “реформи” често се резултат на неспособност на администрацијата. Наместо да се подобрат процедурите и капацитетите, се оди по пократок пат со заобиколување на процедури и менување на закони за да се протуркаат проекти кои инаку би наишле на оправдан отпор и правни пречки.
Измените не се во интерес на граѓаните, туку за ризично редефинирање на системот во корист на малкумина.


