Утрински Весник
Македонија

Со изборот на Ристоски МРТ станува банкомат на ДПМНЕ, велат од Левица

Levica Logo Crveno Transparent.png

Соопштение за јавност на Левица:

И покрај јасните предупредувања од Левица и реакциите во јавноста, Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија свесно реши да ги игнорира сите аргументи и да подлегне под очигледните политички притисоци, избирајќи го Зоран Ристоски за директор – избор кој беше познат уште пред воопшто да започне постапката. Ова е школски пример за однапред режирана процедура во која транспарентноста и објективноста се сведени на празна реторика за јавноста, додека вистинските одлуки се носат зад затворени врати, во тесен партиски круг блиску до премиерот Мицкоски.


Особено е индикативно што од вкупно шест кандидати, токму Ристоски се издвојува како најнекомпетентен за функцијата – фигура без релевантен јавен кредибилитет, без препознатлива професионална траекторија во новинарството или медиумскиот менаџмент, и со скандалозна биографија која повеќе отвора прашања отколку што нуди одговори. Во време кога МРТ е институција на работ на системски колапс, наместо личност со интегритет и визија, се поставува анонимус чие единствено портфолио е другарувањето со Мицкоски и мрежата на бизнис-интереси поврзани со јавни пари.

Како што обзнанивме и претходно, до 1 март годинава, Ристоски бил сопственик на маркетинг агенцијата ГРЕЈ – ВОРЛДВАЈД ЛТД ДООЕЛ Скопје, која во период од само две години инкасирала речиси 29.599.000 денари од Државната лотарија преку тендери – институција која и самата е обвиена во контроверзии.

Паралелно, близок роднина на Ристоски фигурира како сопственик на МЕДИА КОМ ДООЕЛ Скопје – фирма со идентични карактеристики како маркетинг агенцијата. Оваа фирма управува со непосетуван, небитен портал (попара.мк), но сепак служи како канал за рекламен буџет од јавни институции. Имено, на овој маргинален портал можат да се забележат дузина и исклучиво реклами од Државна лотарија, до степен да има повеќе реклами отколку објавени вести. 

Дополнително, МЕДИА КОМ е фирма која добива буџетски средства за предизборно рекламирање од ДПМНЕ. Во 2020 година, ваквото рециклирање на јавни средства преку фиктивна медиумска видливост, му привлече внимание и на Обвинителството, па оваа фирма беше една од оние коишто Обвинителството ги истражуваше поради појавата на ад-хок портали без импресум и други минимум потребни информации.

Сето ова е во спротивност со Статутот на МРТ, кој експлицитно забранува директорот да има сопственички или деловни врски со маркетинг агенции и слични субјекти. Обидите за формално префрлање на сопствеништвото во последен момент не ја менуваат суштината, туку само ја потврдуваат намерата системот да се изигра со маневри.

Фактот дека Ристоски е и почесен конзул на Гвинеја дополнително ја комплицира сликата, продлабочувајќи го судирот на интереси. 

Она што е суштински проблем е континуитетот на една длабоко вкоренета пракса. МРТ, иако во очите на граѓаните изгледа како маргинализирана и девалвирана институција, останува клучен ресурс за власта – финансиски, коруптивно, криминално и пропагандно. Токму затоа, власта ја третира како златна кокошка, од која преку копродукции, маркетинг договори и непрозирни јавни набавки се извлекуваат милиони од буџетот, на штета на јавниот интерес и на квалитетното информирање.

Со овој избор, наместо реформа, добиваме продлабочување на распадот. Ова е јасен сигнал дека за ДПМНЕ и Мицкоски, медиумската независност е само декларативна категорија, додека во пракса се воспоставува модел на целосна контрола и економско исцрпување на институциите.

Оттука, Левица бара од Програмскиот совет на МРТ итно и јавно да ги објави комплетните биографии и програмите на сите кандидати за директор.

Јавниот сервис не смее да биде приватна каса на власта, но токму во таа насока свесно се турка МРТ. Од институција што треба да служи на граѓаните, во банкомат за лични и партиски апетити. Ако оваа траекторија продолжи, МРТ нема само да пропаѓа, туку ќе биде тотално распарчена, сè додека не се сведе на празна фасада зад која ќе се одвива уште побрутално непречено испумпување на јавни средства.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова поддржува укинување на пржинската влада, двојно државјанство вели не треба да има и за претседателот на државата и за министрите

Николоски: Фокусот на Владата е да изгради модерни транспортни коридори

Скопје со стотици градилишта и само 7 инспектори за безбедност при работа