
Факултет за медицински сестри ќе биде отворен во склоп на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, за кој законот е подготвен од пратеници и од Министерството за образование и наука. Министерката за образование Весна Јаневска очекува тој да биде многу бргу усвоен, со што за медицинските сестри, акушерки и физиотерапевти ќе има и академски студии и тие потоа ќе може да продолжат на академски студии од втор и од трет циклус.
Отворањето на факултетот во Битола, каде што со долга традиција постои Високата стручна школа, ќе биде дел од втората фаза на проектот „Зајакнување на образованието и професионалната регулатива за медицински сестри и акушерки во Македонија 2026–2028“. Неговата цел е постигнување европски стандарди во едукацијата на медицинските сестри и другиот помошен медицински персонал. Министерката очекува дека со новата образовна институција ќе се профилира кадар кој ќе дава подобри здравствени услуги на населението во земјава.
Проектот се спроведува со Република Словенија и со поддршка на странски партнери. Го води Центарот за европска перспектива, официјална институција за имплементација на Словенечката програма за помош, и вклучува експерти од голем број институции, професионални здруженија, факултети за здравствени науки, канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопјe, УНФПА и УНИЦЕФ.
– Во првата фаза од проектот беше направена уницифицирана програма на сите школи и универзитети за медицински сестри во Македонија, за стекнување знаења, вештини и компетенции во корист на сите наши граѓани. Во втората фаза Министерството презема регулатива во новиот законот за високо образование и она што досега го немаше – да се дозволи односно да се овозможи студентите од стручните школи да преминат во втор и трет циклус. Пратениците во Собранието заедно со МОН подготвија закон за отворање на првиот Факултет за медицински сестри во Македонија, кој се надевам дека многу бргу ќе биде усвоен. Сметам дека е апсолутно оправдан тој предлог и дека без проблеми ќе биде прифатлив за сите. Мислам дека денес-утре ќе биде поднесен во собраниска процедура – изјави Јаневска пред почетокот на конференцијата со која официјално почна втората фаза од проектот.
Таа посочи дека во ситуација кога има дефицит на медицински сестри од државата, овој проект е „токму во правец не само да добијат компетенции, туку и да се поткрене свеста и да ја сфатат суштината на нивната исклучително значајна струка за помош на населението, но и за развој на државата“.

