Утрински Весник
Македонија

Стафа призна вина и склучи спогодба со обвинителството – доби затворска казна од една година и три месеци!

23800 1024x717.avif.avif.avif

Поранешниот државен правобранител и актуелен адвокат Фехми Стафа признал вина за делото за кое се гони и е во притвор, потврдуваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за Телма.

Според информациите, доцна попладнево е склучена спогодба меѓу обвинителството и Стафа, по што тој признал вина за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“. Со спогодбата е предвидена затворска казна од една година и три месеци, но таа треба да биде потврдена од надлежен суд.


Стафа беше уапсен во декември, откако бил фатен со пари кои ги примил од сестра на негов клиент. Според истрагата, освен 20 илјади евра што му биле пронајдени, тој наводно барал и добил вкупно 50 илјади евра за да посредува и да влијае врз одлука на апелациски судија.

Предметот во кој требало да интервенира се однесува на лицето Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, кој подолг период беше недостапен за органите на прогонот поради истрага за даночно затајување.

Според наводите, Стафа тврдел дека може да обезбеди поволен исход во постапката, но наместо тоа беше приведен и помина повеќе од четири месеци во притвор, по што го признал делото.

Во меѓувреме, Пецов доби мерка домашен притвор поради здравствена состојба, како и засилено полициско обезбедување.

Со случајот е поврзана и посебна истрага за апелациски судија, во која се испитуваат други околности и можни поврзаности. Истрагата е во тек.

Можете да прочитате

Марковиќ: Агресивната пропаганда му се врати како бумеранг на Орбан

Марковиќ: Случувањата во Бугарија ќе бидат поклучни за Македонија од промените во Унгарија

Промоција на „Женскиот идентитет и женскоста низ поетската призма“ од Рената Пенчова