Утрински Весник
Свет

Орбан ја обвини опозицијата за подготовка на немири пред изборите во Унгарија, Маѓар повикува на смиреност

Orban 1.jpg

На два дена пред парламентарните избори во Унгарија, премиерот Виктор Орбан ја обвини конзервативната опозиција, предводена од Петер Маѓар, дека подготвува немири во случај неговата партија да биде поразена, јави ДПА.

„Нашите противници нема да застанат пред ништо“, изјави Орбан во видео-порака „до сите Унгарци“, објавена на неговата страница на Фејсбук.


Тој тврди дека опозицијата соработува со странски разузнавачки служби и дека уште пред пребројувањето на гласовите организира протести и немири, но не понуди докази за овие обвинувања.

„Ова е организиран обид преку хаос, притисок и меѓународна дискредитација да се доведе во прашање одлуката на унгарскиот народ“, додаде Орбан.

Орбан, кој 16 години е на власт, се соочува со неизвесни избори в недела, при што анкетите покажуваат дека неговата партија Фидес може да биде поразена. Повеќето релевантни истражувања ѝ даваат предност на партијата Тиса на Маѓар.

Во пресрет на изборите, Маѓар вети расчистување со, како што ја опишува, полуавторитарната политика на Орбан. Тој порано беше член на Фидес, но ја напушти партијата пред нешто повеќе од две години

Маѓар возврати преку видео на Фејсбук, повикувајќи ги поддржувачите да не подлегнуваат на провокации и да останат мирни.

Тој изрази уверување дека Орбан ќе биде поразен од милиони гласачи кои порано го поддржувале, но сега се чувствуваат „разочарани и изневерени“, и го повика премиерот да го прифати резултатот „со смиреност и достоинство“.

Експерт: Одек на руски дезинформациски наративи

Безбедносниот експерт и поранешен разузнавач Петер Буда оцени дека тврдењата за немири и наводна соработка на опозицијата со Украина подолго време циркулираат во руските онлајн мрежи, пренесува ДПА.

Тој посочи дека се појавиле и фабрикувани видеа, вклучително и материјали кои наводно прикажуваат украински војници како подготвуваат интервенција во Унгарија.

Според Буда, преземањето на вакви наративи може да значи дека власта ја подготвува јавноста за можна „провокација“ која подоцна би ѝ се припишала на опозицијата.

Можете да прочитате

Пекинг и Пјонгјанг потврдија зајакнување на соработката меѓу Кина и Северна Кореја

Германија со воена бригада во Литванија го зајакнува источното крило на НАТО

Самците во Данска ги посипуваат со цимет на 25-от роденден, а со бибер на 30-от