
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во интервју за емисијата „Со факти“ на МРТ 1 се осврна на актуелните теми поврзани со одлуките на Судот, позицијата на судската власт, Законот за употреба на јазиците, Колективниот договор за култура, уставната тужба и реформите неопходни за зајакнување на институцијата.
Костадиновски ги демантираше политичките шпекулации околу Законот за употреба на јазиците, нагласувајќи дека Судот постои за да ги заштити и унапреди уставно загарантираните права.
„Никој нема да го чепне албанскиот јазик, Уставниот суд постои за да ги заштити правата на сите граѓани, без разлика дали станува збор за јазични права или правична застапеност. Сите тврдења дека некој сака да го укине или намали употребата на албанскиот јазик се неточни“, рече Костадиновски.
Тој додаде дека одлуките на Судот ќе ја олеснат практичната примена на правата:
„Нашите одлуки можат само да ја олеснат примената на албанскиот јазик, така што нашите сограѓани Албанци да бидат спокојни – никој нема да го чепне јазикот.

