
Третата компонента на економската отпорност на националните економии, по енергетската независност и независноста во производството на храна, е фискалната одржливост, пишува поранешнот министер за финансии Кирил Миноски.
“Фискалната одржливост значи дека државата може брзо и ефикасно да реагира во криза, без ризик од финансиски колапс, висок јавен долг или намалување на социјалните услуги. За мала и отворена економија како нашата, внимателната фискална политика е клучна за создавање резерви (фискален простор) кои се користат за време на кризи..
Историските искуства од глобалните кризи во минатото го покажаа следново:
• Нафтените кризи (1973/1974 и 1979) – Цената на нафтата се зголеми четирикратно. Земјите зависни од увоз на енергија, како тогашна Југославија, беа ранливи. Без фискални резерви, владите глобално мораа да се задолжуваат под тешки услови, што го влоши проблемот со долгот.
• Глобалната финансиска криза (2008) – Македонија падна од раст од 5–6% во 2008 година на -0,4% во 2009 година. Земјите со ниски дефицити и долг имаа доволно фискален простор за стимулативни мерки (јавниот долг тогаш беше 23 % од БДП), додека оние со висок долг беа ограничени.
• КОВИД-19 (2020) кризата – Дефицитот се зголеми на 8%, а долгот за над 10 процентни поени. Фискалната поддршка помогна да се зачуваат работните места, но долгот остана висок, а високата инфлација беше присутна долго време
• Војната во Украина (2022) – Зголемените цени на енергенсите и храната предизвикаа инфлација од 8–9% во Македонија. Ограничениот фискален простор ја намали можноста за ефикасни мерки.
Генерален заклучок е дека економиите со ниски дефицити и долг побрзо се опоравуваат од кризите, затоа што имаат фискален простор за да реагираат без да предизвикаат нова инфлација или должничка криза.
Фискалната политика во Македонија во изминатата деценија
Во периодот 2015–2022 година, буџетскиот дефицит ретко надминуваше 3% од БДП. Во 2020 година, поради КОВИД-19, дефицитот порасна на 8 % од БДП. Тоа беше проследено со раст на јавниот долг (2017 г, 47,7%, 2024 г, 61,4% од БДП). Иако долгот во 2025 година (Q4) е 59,4%, е под Мастришкиот лимит од 60%, трендот е загрижувачки. Искуството покажува дека добрите години не беа искористени за консолидација, што доведе до повисоки камати и помал фискален простор за идни криз“ пишува Миноски.
Миноски објаснува и како да се стигне до фискална одржливост
„Фискалната одржливост подразбира рационално управување со парите на граѓаните и почитување на фискалните правила – дефицит под 3% од БДП и вкупен долг под 60%, согласно Законот за буџет. Исклучоци се дозволени само за природни катастрофи или големи шокови.
• Фискална консолидација во добри времиња, подобрување на наплатата на даноци (борба против сивата економија), рационализација на трошоците (намалување на заостанати обврски, контрола на плати во јавниот сектор и пензии) и намалување на непродуктивни трошоци.
• Создавање на фискални резерви, наместо трошење на сè што влегува во буџетот.
• Јасна среднорочна фискална стратегија со фокус на капитални инвестиции (5% од БДП) што би го поттикнале растот
Само со интегрирана политика која ја комбинира енергетската независност, со независноста во делот на храната и фискалната одржливост, Македонија ќе биде подготвена за следната криза, без да се загрози долгорочниот развој и благосостојбата на граѓаните“ истакна тој.

