
Додека САД и Иран се обидуваат да зацврстат прекин на огнот, Израел зазема сè поголема територија од своите соседи како подготовка за долг и развлечен конфликт на Блискиот Исток. Создавањето таканаречени тампон зони во Газа, Сирија, а сега и во Либан, одразува стратешка промена од нападот на 7 октомври 2023 година, промена што ја става земјата во трајна состојба на борбена готовност, изјавија за Ројтерс шест израелски воени и одбранбени претставници .
Овој пристап е исто така признание на реалноста која, велат официјалните лица, станува сè поочигледна по две и пол години конфликт: иранското религиозно раководство, либанскиот Хезболах, Хамас во Газа и другите милитантни групи низ регионот не можат целосно да се елиминираат.
Акции против Хезболах
„Израелските лидери заклучија дека се во вечна војна против противник кој треба да се заплаши, па дури и да се победи“, рече Натан Браун од Карнегиевата фондација за меѓународен мир.
САД и Иран во средата се согласија на затишје во борбите додека преговараат за посеопфатен крај на војната што избувна на 28 февруари. Израел се согласи да ги запре нападите врз Иран, но рече дека нема да ги запре своите операции против Хезболах, поддржан од Иран.
Хезболах влезе во војната на 2 март со испукување ракети кон Израел, кој потоа започна копнена инвазија на јужен Либан за да воспостави тампон-зона до реката Литани, широк појас што покрива околу 8 проценти од либанската територија.
Израел им нареди на стотици илјади жители на областа да се евакуираат и почна да уништува домови во шиитските села за кои верува дека Хезболах ги користи за складирање оружје или за извршување напади.


