Утрински Весник
Македонија

ИКС: Во пресрет на изборите е потребна мобилизација за справување со странско мешање

K5hvjrfx5j0v0dk9ybj99uw9gesnsj7vnygg9fgm.webp.webp

Странското мешање и манипулирањето со информациите (СММИ) не се случува на изборниот ден, туку почнува многу порано, година – две пред изборите. Затоа, уште денеска треба да се започне со следење на ова прашање, ова е моментот кога се воспоставуваат т.н. активи за вршење влијание. Ова е еден од заклучоците од денешната тркалезна маса „Подготвеноста на институциите за одговор на странско мешање и манипулирање со информации (СММИ): предизвици, координација и следни чекори” што ја организираше Институтот за комуникациски студии.

Целта на дебатата беше да се отвори дискусија кој е најсоодветниот институционален координиран одговор за справување со ваквите малициозни странски влијанија.


Независниот експерт и консултант за странско мешање и манипулирање со информациите, Федерико Јулио Сикарела, укажа дека СММИ не може без ДММИ – домашно мешање и манипулирање со информациите и затоа во справувањето со овој предизвик, е неопходна е и вклученост на домашни актери.

„На СММИ факторите им недостасува таа префинетост да се вклопат во домашниот контекст, за да го направат делувањето уште поуспешно. Поентата е, кога сакаме да воспоставиме СММИ-практики мора да имаме предвид дека ДММИ е подеднакво важно”, рече Сикарела.

За странското мешање и манипулирање со информациите за време на избори зборуваше Франческа Богери, специјалист за медиумски мониторинг од ОБСЕ/ОДИХР.

Таа потенцираше дека кога се во прашање мисиите за набљудување, не е изводливо да се врши сеопфатно следење на информациите на социјалните медиуми и е неопходна комплементарност во мониторингот.

„Ние сме ограничено време тука, ги следиме изборите пред и потоа. Тоа се мери во недели, а не во месеци. Затоа е битно други институции да се вклучат многу порано со цел групите за набљудување да може да стапат во комуникација”, рече Богери.

Таа посочи дека најголемиот ризик за Северна Македонија е фрагментацијата во справувањето со СММИ и оцени дека земјава има капацитет на сите нивоа и одлични дигитални експерти, но она што недостасува е нивно обединување.

Во потрагата по идеалниот модел за институционален одговор, портпаролката на Владата, Марија Митева, потсети на активностите за формираната неформална работна група, составена од претставници на различни институции, кои работат на превенција и справување со дезинформациски кампањи.

„Клучно беше да видиме колку институциите навистина знаат што значи оваа тема. Следниот чекор би бил, институционализирање односно воспоставување на едно координативно тело. Нема модел што треба сите да го следиме туку да ги видиме искуствата на останатите”, рече Митева.

Џо Мекарон-Шипман од Службата за комуникации на Владата на Обединетото Кралство (GCSI) го презентираше британскиот модел РЕЗИСТ (RESIST).

„Она што е клучно правило за нас, не е нашата улога да реагираме на секоја манипулирана информација, да се поставуваме како арбитри на вистината. Имаме два основни принципа: прво, да не направиме штета во овој дел и второ се преиспитуваме што е во наша надлежност односно дали го штитиме демократскиот дискурс”, рече Мекарон-Шипман.

ИКС овој настан го организираше во рамки на проектот „Зајакнување на оперативната подготвеност на Владата за одговор на СММИ во Северна Македонија”, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Како дел од активностите во овој проект, ИКС подготвува анализа за институционалната подготвеност и капацитети во Северна Македонија, како и модели и пристапи за институционален одговор на различните операции за манипулација со информации.

Можете да прочитате

Мицкоски: Велигден нè потсетува дека токму преку сплотеноста и човечноста можеме да ги надминеме сите предизвици

Мицкоски го собра државниот врв на Велигденски ручек во Хилтон

Хоџа: Tрајни решенија и зелен пресврт во третманот на отпадот, водите и аерозагадувањето