Утрински Весник
Македонија

Родителите од Кочани бараат дали се направени токсиколошки анализи, ако за 3 дена не добијат одговор ќе протестираат пред Судска медицина

Kocani20122025.jpg

Една година по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, семејствата на жртвите сè уште немаат одговори за причините за смртта на нивните најблиски. Ова го истакна Александар Наунов, родител кој ја загубил својата ќерка, обраќајќи се во име на Здружението „16-ти Март 2025“ – Кочани.

Тој посочи дека уште на 14 јануари годинава до Институтот за судска медицина при УКИМ било доставено официјално барање со цел да се добијат јасни информации дали биле направени токсиколошки анализи, вклучително и испитување на присуство на цијаниди. И покрај изминатите два месеци, како што рече, одговор не е добиен.


Наунов нагласи дека семејствата претходно побарале и средба со претставници на судска медицина, но наместо конкретни одговори, добиле ветување за дополнителни објаснувања кое, како што вели, не било исполнето.

Дополнително, од Природно-математичкиот факултет било потврдено дека по наредба на Обвинителството во Кочани е изготвен вешт наод, но без клучните информации за тоа дали се испитувани токсични супстанции и што покажуваат анализите. Според Наунов, институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека семејствата остануваат без одговор.

Тој потсети и на болниот процес на обдукција, кога телата на жртвите биле однесени во Скопје, со уверување дека ќе се утврди вистинската причина за смртта. Наместо тоа, семејствата чекале со денови без можност достојно да се простат, а и денес, како што рече, немаат целосни информации за тоа што било анализирано и кои се резултатите.

„Ова не е само институционална тишина, туку прашање на човечност и одговорност“, нагласи Наунов, обвинувајќи за сокривање на информации од семејствата кои имаат право на вистината.

Семејствата побараа итен, писмен и сеопфатен одговор од надлежните институции во рок од три дена. Во спротивно, најавија дека ќе протестираат пред Институтот за судска медицина и нема да се повлечат додека не ја добијат вистината.

„Нема да прифатиме повеќе молк. Нема да застанеме додека не добиеме одговор“, порача Наунов.

Можете да прочитате

Реката Вардар во Гостивар во загрижувачка состојба

Мицкоски: Во моментов имаме доволно нафтени деривати

Наунова со ултиматум: Ако за три дена нема токсиколошки наоди, ќе протестираме пред Судска медицина