Утрински Весник
Македонија

Недостига лек за рак на дојка – ФЗО најавува решение за две недели

662642063 122288492330218231 5591989326543557224 n.jpg

Во Македонија во моментов недостига само еден лек за онколошки пациенти – „палбоциклиб“, терапија која ја користат 142 жени од вкупно околу 7.000 со дијагностициран рак на дојка. Од Фондот за здравствено осигурување уверуваат дека станува збор за привремен проблем кој наскоро ќе биде надминат.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на прес-конференција на Клиниката за радиотерапија и онкологија појасни дека недостигот е резултат на погрешни проекции за бројот на пациенти.


„Кон крајот на 2025 година се појави неочекувано голема потреба. Беа планирани количини за 80 пациенти, но бројот порасна на 142. Кога има значително поголем број пациенти од планираниот, не е едноставно веднаш да се одговори“, изјави Клековски.

Тој најави дека буџетот за 2026 година ќе биде зголемен за 50 проценти за лекови од оваа категорија, а нов повик за набавка се очекува во наредните две недели.

Дополнително, Клековски посочи дека годинава истекува патентната заштита на лекот, што треба да доведе до значително намалување на цената и полесна достапност во иднина. Паралелно, се очекува воведување и на нови генерации терапии.

Во однос на недостигот на одредени тумор-маркери, тој информира дека пациентите можат да ги направат потребните анализи во други државни здравствени установи каде што тие се достапни.

Претседателката на Здружението ХЕМА-ОНКО, Ана Марјановиќ, оцени дека и покрај тековниот проблем, состојбата со достапноста на терапии значително се подобрува.

„Со зголемувањето на буџетот, за одредени лекови 50 проценти од пациентите, а за други дури 75 проценти, добија пристап до имунолошка и биолошка терапија. Тоа е огромен исчекор кој спасува животи“, истакна Марјановиќ.

Таа додаде дека повремените недостатоци се неизбежни поради тешкотијата однапред да се предвиди бројот на нови пациенти, но како долгорочно решение предложи овие терапии да се стават на позитивната листа. Воедно, повика и на децентрализација на онколошките услуги низ здравствениот систем.

Можете да прочитате

Драма на автопат: Возач бегал од полиција и фатен со 65 кг дрога

Пресечен транспорт на дрога во близина на Градско, две лица лишени од слобода, следува кривична пријава

ВЛЕН: АХМЕТИ СИ НАПИША ПИСМО САМ НА СЕБЕ!