Утрински Весник
Македонија

Изложбата „Будна вода“ и промоција на „Разбудена вода“ во НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево

Izlozhba.png

На 4.4.2026, во галеријата на НУЦК  „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, со почеток во 12:00ч. ќе биде отворена „Будна вода“- изложба на слики и ќе биде промовирана со промоција на збирката хаи[бун]накуа „Разбудена вода“  од Дијана Петкова. Изложбата ќе ја отвори Златко Начовски-директор на НУЦК  „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево, а збирката ќе ја промовира Билјана Петровска-директорка на ЈЛБ „Илинден’’ во Делчево.

Циклусот „Будна вода“ опфаќа четириесет дела, но само дваесет слики работени во техниката акрилик на платно и комбинирана техника, но  ќе бидат изложени само дваесет дела. Сликите се работени во периодот од 2022 – 2025 година.


„Дијана Петкова е мошне интересен феномен на современата македонска книжевна сцена. Вљубеничка во хибридните книжевни форми, инспирарани од традиционалните јапонски и модерните американски куси поетски форми, создава свои авторски форми, а во нејзината најнова експериментална збирка „Разбудена вода“ поместува дваесет патописни хаи[бун]накуа инспирарани од нејзините патувања на места каде што има вода и уште толку хаи[на]куа со превртено и огледално хаи[на]ку. И токму во оваа комбинација на нова и авторска книжевна форма хаи[бун]наку во комбинација со патописот и мотивот на екологијата се содржи најголемата иновативност и уникатност на ова дело.“…

…„Во најновата книга на Дијана Петкова, симболот на водата е многу моќен. Авторката пишува за свеста на водата, но и за свеста за водата“…

„Разбудена вода“, меѓу другото, претставува и книжевно дело со еколошка свест и порака, а тоа го прави ова дело општествено одговорно. Имено, фактот што водата е препознаена како важен природен ресурс, а истовремено и како важен книжевен симбол, го мапира ова книжевно дело меѓу ретките книжевни, ненаучни дела посветени на екологијата и инспирирани од неа. Во делото се читаат јасни пораки за важноста на водата како природен ресурс, меѓу кои и поракта за „подигнување на свеста кај луѓето за значењето на водата и за развивање одговорен однос кон неа“, вели Елена Пренџова во рецензијата за книгата.

Љубителите на уметноста ќе може да ја посетат изложбата до 15.4.2026.

Дијана Петкова е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Македонски јазик со историја на книжевностите на  југословенските народи. 

Учела сликање кај академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски.

Авторски потпис ставила на две самостојни изложби „Момент во денот“ и „Будна вода“, на три онлајн изложби на платформата Artsteps: “Life is poetry”, „Поврзи се“ и „Седум порти на лотосот“, а учествувала и на дваесетина групни изложби.

Организирала четириесет и осум самостојни изложби на академскиот сликар Тони Шулајковски, а истовремено го менаџира неговото творештво. Напишала предговори во каталозите за неговите изложби: „Друг свет“, „Под дејство на звукот“, „Пеш низ звукот“, „Воздишка за просторот“,  „Интергалактички реакции“, хаику за каталогот на изложбата „Предградие на свеста“ и хаи[бун]наку за каталогот на изложбата „Повисоко од себеси“.

Во креативниот центар „Арс вивенди“, каде што работи како менторка во студиото за креативно пишување, организирала дваесет завршни изложби и промовирала  шест книги: „Слободна вода“, „Тивките сили на духот“, „Мисли молкома“, „24/7“, „Месечино, диши! и „Дремката на облакот“, изработени од деца – членови во овој креативен центар.

Нејзината поезија е објавувана во списанијата „Современост“  „Стожер“, ТЕА модерна и хрватското списание „Ирис“, а застапена е во  антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ (2012), во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази (2016), „Самодиви“ – панорама на поезија пишувана од жени, од преродбата до денес приредена од Славе Ѓорго Димоски и Јулијана Величковска(2023)во повеќе е-збирки и во Зборниците на Поетски слем Македонија (2021, 2022,2023,2024).

Досега ги издала збирките поезија „Стефанија“ (1999), „Деца од свила“- поезија со детски цртежи (2011), „Нова реалност за просторот“  (2013) , „Честичка свесност“ – хаику и хаига (2014), „Мамо што има за јадење?“- хаику готвач за свесни мажи и жени (2016), „Енсо•Поврзување со целоста“ – хаику и хаига (2017) и „Поврзи се…“ – хаиги, со фотографии од убавините на Македонија изработени од Камелија Шојлевска (2018), „Растајнување на светлината“ – хаинаку, превртено хаинаку и хаинага (2019), „Момент во денот“ енсо•хаику дневник (2020), „Скротителка на змејови“ – хаи[бун]наку и „Разбудена вода“ –  хаи[бун]наку/каталог .

Живее и работи во Скопје.

Можете да прочитате

САД пренасочуваат воена помош од Македонија кон Латинска Америка

Македон Димитровски примен во престижната програма за талентирани млади на „Џонс Хопкинс“

Апасиев ја објави отфрлената пријава за закана: „Да собираме пари за погреб на Апасиев”, „смрт”, „бензин и кибрит” за Обвинителството биле политички говор