
Наставничката на шестгодишната Катја, сведочејќи во Основниот кривичен суд Скопје, го опиша последниот ден на девојчето на училиште, нагласувајќи дека таа била расположена, весела и без никакви знаци на вознемиреност.
„На 2 март, понеделник, бев прва смена. Катја ја донесе нејзината баба, мајката на Ивана. Влезе во училницата, го предаде ранецот, а соучениците веднаш ја прегрнаа – сите многу ја сакаа“, изјави наставничката.
Таа раскажа дека денот започнал вообичаено и поминал во убава атмосфера. Учениците ги подредиле работите во шкафчињата, а потоа излегле во училишниот двор.
Наставничката забележала дека Катја не ја носи ученичката униформа, по што ја прашала каде ѝ е. Девојчето одговорило дека не знае, а вниманието го привлекле и новите облеки што ги носела.
„Имаше елек и блуза со етикети. Ми рече дека претходниот ден била на шопинг со мајка ѝ и беше многу среќна“, сведочеше наставничката.
Околу пладне, наставничката ја завршила својата смена, по што наставата ја презела нејзина колешка. Вечерта, околу 20 часот, таа добила повик од колешката, која била вознемирена по информацијата дека Катја и нејзината мајка се пронајдени мртви.
Според сведочењето, Ивана истиот ден околу 11:30 часот се јавила во училиштето и најавила дека Катја ќе ја земе нејзината баба. Сепак, подоцна, околу 13:30 часот, Ивана лично дошла во училиштето, каде учениците биле на час по физичко образование, и по завршувањето на часот ја зела својата ќерка.
Сведочењето на наставничката фрла дополнителна светлина врз последните часови од животот на малата Катја, опишувајќи ден кој започнал како и секој друг – исполнет со детска радост и без навестување за трагедијата што следувала.


