Утрински Весник
Македонија

Стојанче ѝ се заканувал на Ивана со објавување експлицитни видеа, сведочеше сведокот Саздов пред судот 

D1d4e68e bf44 49bf a6e7 e9606a0a8d33.jpeg

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето на Стојанче Јовановски за смртта на неговите сопруга и ќерка, Ивана и Катја. Сведокот Мартин Саздов одговараше на прашања во врска со обвинетиот Стојанче и сега починатите Ивана и Катја.

– Од тој датум кога починаа, како животот да ми застанал. Немам мотив за живот – рече Саздов.


Во 2021 година се запознале со Стојанче во Противпожарната, каде што се вработиле, се дружеле со него и неговата сопруга и ќерката, потоа и со девојката на Мартин. 

– Додека се дружевме, Ивана ја гледав како сестра, како најдобра другарка. Престанавме да се дружиме кога дознав дека се гледал со девојката со која се гледав јас, со мојата девојка, потоа се оттргнав од него. Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме. Мислам дека беше август 2025 година, ми се јави Ивана во 1 по полноќ со плачење и ми рече – „извини што ти ѕвонам олку касно, немам на кој друг да се јавам, јас со Катја сум пред Штип, може ли да дојдеш да нè земеш, Стојанче нè исфрли од кола“ – сведочеше Саздов. 

Отишол по нив. Биле зад рабникот, се криеле со Катја. Ивана плачела, цела расоблечена, искубана, модра, двете плачеле со Катја.

– Рече дека ѝ е страв да оди дома, да не ја тепа пак. Не сакаше ни кај мајка ѝ за да не ја гледа во таква состојба. Да те однесам дома кај мене, сестра ми е дома, реков – сведочеше Саздов. 

Ивана првин плачела многу, се гушкале со Катја, биле седнати одзади во возилото.

– Се обидов да ја смирам, ја прашав што се случило. Таа го промашила патот и Стојанче се изнервирал и почнал да ја тепа. Катја ми кажа дека ѝ ја удирал главата на Ивана од потпирачот на седиштето за раката помеѓу двете седишта, Катја покажуваше кон потпирачот дека ѝ ја удирал главата на Ивана. Видов модринки на главата и на рацете кај Ивана, целата беше искубана и исплашена. Ивана ми кажа дека ги исфрлил од автомобилот како партали и им викал курви, курви мали, на Ивана и на Катја. Со клоци ја шутирал и ѝ реков на Ивана да не зборуваме веќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе зборуваме – раскажуваше сведокот во судницата. 

Ивана и друг пат му раскажувала за проблемите со Стојанче.

– И пред мене ја има тепано. Му викав, немој да ја тепаш, не е убаво. Ама бев со врзани раце и не можев ништо друго да направам – рече Саздов.

Нагласи дека по настанот во Штип, се здружиле многу со Ивана и му кажала дека сака да се разведе. Ја тепал Ивана пред Катја, ја малтретирал.

– Да, многу, одговори на прашање од обвинителката дали Ивана се плашела од Стојанче.

– Мартин, не го знаеш каков е, психопат е, ќе нè убие. Не можам веќе да издржам, не знам што да правам – му рекла Ивана на Мартин, тој се обидел да ја смири.

Ја носеле Катја во игротека заедно со Ивана, во Зоолошка, на лулашки, во „Џамбо“. Ја шетале Катја цело време. Сакал да им биде убаво, но таа му рекла дека не го знае, дека ќе ги убие и двајцата. Тој ѝ рекол да не се секира, има институции. Таа му рекла дека се чувствува сигурно и смирено со него. Почнале љубовна врска. 

– Се шетавме со Ивана на кеј, Стојанче нè следел, излезе пред нас. Стојанче ја извади ташничката и сакаше да се тепа со мене. Му реков да зборуваме смирено. И ти си излегувал со две мои девојки со кои излегував јас додека се дружевме заедно, реков. Потоа отидовме во Автокоманда. Ме праша од каде сум знаел дека се гледа со две мои девојки. Имавме заеднички другар, а Стојанче му кажал нему. Се видовме со него тој другар и се расправавме, се завлековме, разговаравме со повисок тон… Се залета со неговото возило и директно во моето возило од левата страна во пределот на двете врати, потоа дојде полиција, јас не сакав да го пријавам. Му реков дека нема да го пријавам. Ми се јавија потоа, мајка ти е во болница на Кардиологија, бргу отидов таму – посочи Саздов.

Потоа се видел пак со Стојанче истиот ден, отишол кај него дома за да разговараат, таму бил и заедничкиот другар Тони.

– Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана, нема што да лажам и да кријам. Стојанче само ја навредуваше Ивана кога тројцата се видовме да разговараме. Стојанче викаше, да, сакам да се спасам од оваа курва – одговори тој кога обвинителката го праша дали Стојанче сакал да се решат работите.

Саздов сведочеше дека Стојанче рекол дека не ја сака ни Катја, а Ивана го прашала како може така да зборува за сопственото дете.

– Стојанче и Ивана рекоа дека сакаат да се разведат. Стојанче рече вие двајца правете што сакате. Додека се гледавме со Ивана, Стојанче нè следел цело време и нè пријавил во ПС Ѓорче Петров дека сум му се заканувал преку социјалните мрежи. Заедно со Ивана отидовме во ПС Ѓорче Петров и ми кажаа дека Стојанче ме пријавил дека сум му се заканувал, ме пријавил за закани. Дека наводно сум сакал да го убијам. Јас кажав дека тоа не е точно и им го дадов телефонот на вештачење – рече Саздов.

Посочи дека Стојанче се гледал со друга жена во тој период. Ивана го има фотографирано на тераса од станот како седи заедно со друга девојка, тоа е станот во кој претходно заедно живееја Стојанче и Ивана.

– Кога ги видела и ги фотографирала, се качила горе и пробала да влезе, а потоа ми кажа дека Стојанче ја сменил бравата – сведочеше тој. 

Ивана му кажала дека во тој период Стојанче се гледал и комуницирал и со други жени.

– По настанот во Штип, Ивана почна да живее кај мајка ѝ, во тој период почина татко ѝ, јас цело време бев покрај Ивана, заедно бевме и во болница кај татко ѝ. По тој период, Ивана многу падна психички. Откако почина татко ѝ, не знам зошто, но претпоставувам дека била под закани и уцени, се врати да живее во станот во кој живееја со Стојанче. Ивана цело време зборуваше, само станот ми остана нешто што е мое бидејќи нејзините родители ја исклучија од оставинската од татко ѝ поради ситуацијата со Стојанче и ми кажа дека сакала само да си го врати дарот, станот, дека без тоа ќе остане на улица. Јас ѝ реков дека нема да се случи тоа, дека ќе ѝ помогнам – појасни Саздов. 

Ивана му кажала дека отсекогаш сама се трудела за станот, и финансиски и со уредување, дека плаќала сметки, ратата за кредитот, не можела да го остави станот затоа што тоа и било се за што се трудела цел живот.

-Јас и реков ако и треба нешто, тука сум во секое време. Таа се врати во станот, престанавме да комуницираме. Мајка и одвреме навреме ми се јавуваше, дали знам нешто за Ивана ме прашуваше. Ми кажа дека ја гледала Ивана со модринки по телото. И одговорив, не знам ништо,  подвлече тој.

Таа му се јавила во декември 2025 година. 

– Стојанче не посочува мене и тебе дека сме го наместиле со дрога, некаде пред Нова година беше тоа, јас и реков на Ивана да не се секира. Повторно почнавме да разговараме преку телефон. Ја прашав каде должи пари, не сакаше прво да ми каже, ја замолив, почна да плаче и ми рече Стојанче ја натерал да извадат од нејзината кредитна картичка околу четириесет илјади денари, не знам дали од кредитната или точно од каде ја натерал да изваде пари, јас и реков ајде да одиме да платиме, таа не сакаше да земе пари од мене, сведочеше Саздов. 

Тој одговори дека и пред него гледал како Стојанче консумира дрога. Консумирал откако го знаел, одговори тој на прашање.

-Неколку дена пред 2 март, Ивана ми кажа се што се случувало тој период меѓу нив, откога Стојанче мислеше дека сме го наместиле со дрога. Ивана ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе си дошол дома издрогиран ја тепал пред Катја, се заканувал, јас тоа не го знаев, таа ми го кажа тоа пред 2 март. Неколку дена пред 2 март се видовме и беше целата во модрици. Ја молев да си оди кај мајка и. Таа ми викаше само сакам да си го вратам дарот од станот, сведочеше Саздов. 

„Курва мала, како мајка и е иста“, рекол Стојанче за Катја, сведочеше тој. Рече дека се плашел многу за Ивана.

-И се заканувал Стојанче на Ивана со видеа дека ќе ги објави јавно, помеѓу мене и нејзе и помеѓу него и Ивана. Со каква содржина? Експлицитни видеа, тој сакал да ги објави јавно, да ја посрамоти. За тоа и беше највеќе страв. Ми викаше каква слика ќе биде тоа за мене како родител на Катја, сведочеше Саздов.

Можете да прочитате

Алијанса за Албанците: Одговорот на Мицкоски во врска со Коридорот 8 содржи многу невистини и искривувања

Истекува рокот за инвеститорите да поднесат иницијативи за изградба на енергетски објекти до општините 

Утре се одбележува на денот на првата пешадиска бригада