
Нови детали од судскиот процес за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, откриваат сериозни пропусти во институционалниот систем и правниот статус на објектот.
На денешното рочиште, раководителот на Секторот за финансии во Општина Кочани, Дејан Рашков, сведочеше дека дискотеката „Пулс“ воопшто не постоела како правно лице во општинската евиденција.
„Кога се случи настанот, утврдивме дека ‘Пулс’ како правно лице не постои во нашата евиденција“, изјави Рашков пред судот.
Тој дополнително појасни дека обврските за лиценца не ги подмирувала самата дискотека, туку други фирми – „Класик ДМ“ и „ММММ“. Според неговото сведочење, Општината инкасирала дел од средствата за лиценци, околу 123.000 денари, но не било јасно дали тие се однесуваат на дискотека или кабаре.
Дополнителна загриженост предизвика и сведоштвото на раководителот на Одделението за градежно земјиште, кој откри дека Општина Кочани претходно испратила барање до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) да не се издава лиценца за објектот.
Причината, како што било наведено, е тоа што објектот се наоѓал во зона предвидена за лесна индустрија, а не за угостителска дејност. Сепак, одговор од надлежните институции никогаш не бил добиен.
Овие сведоштва отвораат сериозни прашања за одговорноста на институциите и законитоста на работењето на објектот во кој се случи една од најголемите трагедии во поновата историја на државата.


