
Расправата на денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ во Кривичниот суд, беше прекината откако адвокатката Анита Бегова, бранителка на обвинетиот Нехад Нухи, ја напушти судницата, незадоволна од начинот на презентирање на материјалните докази на Обвинителството, по што судот и изрече парична казна од 500 евра.
На денешното рочиште Обвинителството започна со изведување на материјални докази – околу 180 страници документи поврзани со набавки на лекови, договори за јавни набавки и финансиски извештаи. Дел од одбраната инсистираше доказите да се презентираат поединечно, додека обвинителството сметаше дека тие веќе се опфатени во економското вештачење и не е потребно повторно детално читање.
– Јас ќе одам архивска папка по папка со тоа што деловите кои се однесуваат на материјална евиденција по лек, нарачки, број на документи што се однесуваат за набавка на лекови, договори вклучени за јавни набавки, аналитички картички итн. се документи кои се дадени на вештите лица при изготвување на вештиот наод и мислење од областа на економското финансиско работење и тие материјални докази се анализирани и прегледани од нивна страна, а со оглед дека се дел од тоа вештачење, истите се доставени како материјални докази. Меѓутоа ако ги читаме еден по еден, ниту е целисходно, ниту е економично, а се наведени и во економското вештачење и затоа сметам дека не треба да се читаат и анализираат сите засебно бидејќи вештите лица ќе бидат испитувани и ако има одбраната доказ за кој смета дека треба да биде предочен и продискутиран при испитувањето на вештите лица, можам тоа да го направам при нивното испитување – рече обвинителката.
Адвокатката Бегова реагираше дека судот не овозможува минимални стандарди за фер постапка и изјави дека нема да учествува во процесот додека доказите не бидат презентирани пред јавноста и поротата.
– Пракса на обвинителството во многу предмети, па еве и овој е всушност дека се однесува дека со самото обвинение кое е поднесено и влегло во правна сила го добило предметот и воопшто не чувствуваат за потреба уважените колеги да се потрудат пред судот, пред поротата, да ги изведат соодветно доказите, анализирајќи го секој доказ поединечно и со тоа докажувајќи ја нивната теорија на случај. Точно дека во текот на истрагата на нашата одбрана ни беа презентирани доказите и овие докази ги имаме, ги добивме на усб преснимани, мене како одбрана ништо од тоа не ми алудира на некаква противправност. Дополнително, одбраната достави алтернативно мислење на вештиот наод и мислење, што исто така е поткрепен со илјадници докази кои се однесуваат на набавки, фактури, плаќања, движење на лековите од клиничката аптека во оддели, требувања итн кој што ја докажува нашата теорија на случај дека овде нема кривично дело кое обвинителството го тврди а за кое денеска дознаваме дека не сака да го докаже со изведување соодветно на доказите. За волја на вистината, согласно новиот КЗ, и претседателот и членовите на судот сега ќе се запознаат со доказите и за нив се непознати – рече Бегова.
Судот оцени дека со ваквото однесување се нарушува редот и дисциплината, па донесе решение за парична казна.
-Судот оценува дека со ваквото однесување на бранителот Анита Бегова не само што се нарушува редот и дисциплината во судницата, туку во наводите дека не се даваат минимални права за одржување на расправа во одреден степен се навредува судот, па во смисла на член 361 и 88 од ЗКП, судот донесе решение бранителот Анита Бегова се казнува со парична казна од 500 евра во денарска противвредност, против ова решение дозволена е жалба до советот по член 25 став 5 по писмени изготвување на решението – рече судијката.
Поради потребата да се назначи нов бранител по службена должност за обвинетиот Нехат Нухи, расправата беше одложена и ќе продолжи на 7 април 2026 година.
Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехат Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Паралелно со ова, во тек е и постапката „Онкологија 1“, каде Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

