
Болка, тага и непребол – вака Томчо Стојанов, татко на Андреј, ја опишува трагедијата за 4ТВ што засекогаш му го промени животот. Во емотивна исповед, тој сведочи за кобната ноќ на 16 март, кога згаснаа десетици млади животи.
„Најстрашното во нашиот живот беше тоа што во болницата имаше многу починати деца. Сите беа во најлонски вреќи, а нашиот син лежеше на болнички кревет без ништо да му фали не беше изгорен, не беше задушен, немаше повреди. Само ни рекоа: ‘Нашиот Андреј не дише’, а друго ништо не му беше“, раскажува Стојанов.
Според него, трагедијата ја одбележала засекогаш нивната судбина. „Таа 16-мартовска ноќ ни го промени животот. Како родители изгубивме нешто највредно и најдрагоцено. Во име на парите и криминалот што некој го правел, нашето дете и уште 62 млади животи отидоа засекогаш“, вели тој.
Во трагедијата, покрај неговиот син, животот го загубиле уште 62 млади лица. „Нашите деца заминаа засекогаш. На нас ни остана само болка, тага и плач. Додека сме живи, оваа состојба нема да се промени“, додава Стојанов.
Тој нагласува дека по загубата, родителите се чувствуваат оставени сами со својата болка. „Ние сме оставени фигуративно само да функционираме. Ова е непребол“, вели таткото на Андреј.


