Утрински Весник
Македонија

По шест дена штрајк со глад: Сопругот на исчезнатата Злата итно хоспитализиран 

Img 0324.jpeg

Дејан Јанков, сопруг на исчезнатата Злата, вчера бил итно пренесен во болница откако по шест дена штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе, неговата здравствена состојба нагло се влошила.

Како што објави ВИКИМЕДИА, повикувајќи се на изјава од неговиот брат, Јанков започнал штрајк со глад во обид да издејствува реакција од надлежните институции, бидејќи веќе речиси две години нема никакви информации за исчезнувањето на неговата сопруга.


Според сведочењето на братот, состојбата на Дејан се влошувала со денови.

„Уште пред два дена не му беше добро, а вчера започна да се тресе, падна и веднаш повикав итна помош“, изјавил тој.

Додава дека во текот на целиот протест, Јанков бил практично оставен без поддршка, а единствено друштво му правел неговиот брат.

„Само првиот ден дојде началник од полицијата и понуди разговор. Дејан одби, барајќи конкретни одговори – каде е неговата сопруга и зошто нема никаков напредок во истрагата. Потоа, никој не дојде, никој не го праша како е“, вели братот.

Семејството остро реагира на односот на институциите, посочувајќи дека дури ни лекарска екипа не го посетила за време на штрајкот, и покрај влошената состојба.

„Игнориран, одминуван, како да не постои. Што треба човек да направи за да биде слушнат? Треба ли да почине на улица?“, прашува очајно братот.

Дополнително, семејството стравува за судбината на децата, кои веќе две години се без мајка, а сега постои опасност да останат и без татко.

Злата исчезна на 16 јуни 2024 година, а од тогаш, според семејството, истрагата не дала резултати, ниту пак има конкретни информации за нејзината судбина.

Од семејството бараат итна реакција од Министерството за внатрешни работи, посериозен пристап и ревидирање на истрагата, за која тврдат дека од самиот почеток била проследена со пропусти.

Можете да прочитате

Приведени седум лица во Скопје

Пронајдено тело на почината жена во двор од семејна куќа во Скопје

Нападнат полицаец во Гази Баба