
Големиот работнички протест започнува утре пред работничкиот дом во 12:05. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повикувајќи ги работниците од целата држава да се приклучат на овој протест. Барањата, како што рече, остануваат исти, минимална плата од 600 евра и зголемување на сите работнички плати за 6 000 денари.
„Работниците немаат потреба да се плашат затоа што не му должат на никого ништо. Газдите и Владата пред само еден ден покажаа дека се против работниците бидејќи странските газди и дале поддршка на Владата за незголемување на минималната плата, а македонската влада на штета на македонските работници им ветила на странските газди дека нема да ја зголемува минималната плата надвор од законското усогласување за срамни 1 667 денари“, вели тој.
Посочи дека вредноста на синдикалната минимална кошница во овие 24 месеци е зголемена за повеќе од 10 илјади.
„Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. Според податоците на Управата за јавни приходи, 160 илјади работници имаат плата под 31 200 денари или под прагот на сиромаштија“, кажа Трендафилов.
Ги повика работниците да излезат на улица и да покажат дека не се плашат и дека бараат да им се зголеми платата.
„24 месеци се обидуваат да зборуваат за политика, не за плата, 24 месеци им зборуваме за плата, а не за полтика. Работниците не живеат од политика, туку од плата. Тие што живеат од политика да не доаѓаат на протест, но тие што живеат од плата да дојдат и заедно ќе им покажеме дека можеме да се избориме за повисоки плати. Ако 160 илјади работници излезат на улица минималната плата ќе биде многу повеќе од 600 евра затоа што оваа Влада се плаши од луѓето што ќе излезат на улица и што ќе покажат дека се незадоволни од лошите владини политики и политиките кои ги водат газдите“, рече претседателот на ССМ.
Според него, најголем дел од пратениците не гласале за зголемување на минималецот и на останатите плати и спречиле раст на нивните плати за 10 илјади денари само да не ги зголемат платите на работниците.
Трендафилов упати повик до сите работници, вклучително и до оние во јавниот сектор, текстилната индустрија, во Министерството за внатрешни работи и Армијата, да се приклучат на протестот. Ги повика и младите и пензионерите, со образложение дека без повисоки работнички плати нема одржлив пензиски систем, ниту услови за младите да останат во земјата.
„Колку работници ќе видат на улица, на толку ќе дадат зголемување на платите. Ако излезат 20 илјади, работите ќе почнат да се менуваат, ако излезат повеќе, работите уште повеќе ќе се променат, кажа тој.
Преседателот на ССМ информира дека голем број работници се пријавиле за организираниот превоз за утрешниот протест во Скопје.
„И само еден работник да дојде, јас ќе бидам вториот“, порача Трендафилов, додавајќи дека бројноста на протестот директно ќе влијае врз подготвеноста на Владата да ги зголеми платите.
ССМ најави дека денеска ќе ја објави вонредната пресметка на синдикалната минимална кошничка, поради нови поскапувања во супермаркетите.

