
Кинескиот народен конгрес денеска го усвои новиот петгодишен план за периодот 2026-2030 година, што предвидува забрзување на развојот на клучните технологии, вклучувајќи ги полупроводниците и вештачката интелигенција (ВИ).
Планот, усвоен на последната сесија на годишниот конгрес, ги приоритизира секторите како што се роботиката и биотехнологијата како дел од напорите на Кина за зајакнување на своите технолошки капацитети, јави ДПА.
Петгодишните планови се сметаат за најважни економски програми на кинеската Влада, што ги специфицираат индустриите што ќе бидат посебно поддржани и ги дефинираат целите на земјата во наредниот период.
Според планот, инвестициите во истражување и развој ќе растат за седум проценти годишно, а учеството на дигиталната економија во БДП треба да се зголеми на 12,5 проценти до 2030 година од сегашните 10,5 проценти.
Во документот се истакнуваат неколку стратешки технологии – нуклеарна фузија, квантни технологии, вселенски патувања и компјутерски интерфејси што пренесуваат сигнали од мозокот директно до машините или компјутерите.
Меѓу целите се зајакнување на личната потрошувачка и зголемување на животниот стандард како одговор на структурните проблеми како што се стареењето на населението и слабеењето на домашната побарувачка.
Пекинг со години се обидува да ја намали својата зависност од странски технологии, не само поради ограничувањата за извоз воведени од САД. Постои конкуренција меѓу двете земји во брзорастечките сектори како што се полупроводниците и вештачката интелигенција.
Кинескиот национален народен конгрес е кинескиот Парламент што се состанува еднаш годишно во Пекинг. Речиси 2.800 делегати не беа избрани на слободни избори, а политичките одлуки што ги донесуваат беа однапред договорени во телата на Комунистичката партија.
Делегатите, исто така, усвоија неколку владини извештаи и закони, вклучувајќи го и „Законот за промоција на етичко единство и напредок“ кој го назначува мандаринскиот јазик како службен јазик во училиштата и од родителите се очекува да ги подучуваат своите деца.
Други одлуки менуваат некои обичаи, вклучително и тоа дека дозволите за брак не треба да се базираат на религиозни верувања. Организациите за човекови права велат дека ова би можело да доведе до понатамошни ограничувања на правата на малцинствата во Кина.
Заменик-директорката на „Хјуман рајтс воч“ за Азија, Маја Ванг, изјави дека законот создава правна рамка за угнетување и присилна асимилација.
Критичарите, исто така, посочуваат одредби со кои би се гонеле поединци и организации надвор од Кина за активности што „го поткопуваат националното единство“ и предизвикуваат „етнички поделби“.
Кина признава 56 етнички групи, од кои некои имаат свој јазик и писмо. Околу 90 проценти од населението од 1,4 милијарди се членови на народот Хан, а меѓу малцинствата се Монголци, Тибеќани и муслимански Ујгури.


