
Адвокатката Марта Гусар во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV отворено говореше за влијанието на политиката и моќните познанства врз работата на институциите, особено во случаи кога постојат повеќе пријави за насилство, а тие остануваат без соодветна реакција.
Осврнувајќи се на случајот со семејното насилство врз Ивана и малата Катја, кој ја бранува јавноста, Гусар посочи дека постоела јасна хронологија на аларми – пријави во декември, јануари и февруари. Сепак, и покрај тоа, институциите не направиле ниту проценка на ризикот, објави 4news.mk.
„Ако имаме пријави три месеци по ред, а никој не презема ништо, мора да се запрашаме зошто. Кај нас политиката е влезена во сите сегменти на животот – од семејството до бизнисот. Сметам дека и во оваа ситуација имало некаква заштита на лицето, што е резултат на таа политичка или моќна позадина“, изјави Гусар.
Таа се осврна и на неофицијалните информации што кружат во јавноста, меѓу кои и обидите за дискредитација на жртвата.
„Се шират гласини дека девојката била корисник на психотропни супстанци, но за тоа нема никаква официјална потврда ниту медицинска дијагноза“, нагласи адвокатката, додавајќи дека ваквите „муабети од улица“ често служат за да се одвлече вниманието од суштинските пропусти на институциите.
Гусар истакна дека во јавноста често се споменува и блискоста на сторителот или неговото семејство со влијателни луѓе, што според неа може да биде дел од причините поради кои институциите не реагирале навреме.
Иако како правник е претпазлива со непотврдени информации, таа е децидна дека игнорирањето на серија пријави не може да се смета за случајност. Според неа, токму „невидливата рака“ на политиката и заштитата на поединци често доведуваат до тоа институциите да не знаат – или да не сакаат да знаат – што се случува на терен, сè додека не биде предоцна.


