
Американскиот претседател потврди дека војната со Иран би можела да заврши наскоро. Тој истакна дека речиси нема цели за напад. Посочи дека воената операција може да заврши кога и тој да посака.
„Тука и таму има уште нешто… Ќе заврши кога јас ќе одлучам“, изјави Трамп.
Иако претседателот сигнализира дека операцијата ги постигнала главните цели, американски и израелски претставници велат дека нема јасна внатрешна директива кога би можеле да престанат борбите. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека војната ќе продолжи „без временско ограничување, сè додека не се постигне целосна победа“.
Според извори од Вашингтон и Тел Авив, се подготвуваат уште најмалку две недели напади врз цели во Иран.
Трамп оцени дека операцијата се одвива подобро од очекувањата и дека американските сили нанеле поголема штета отколку што било првично предвидено.
Американските разузнавачки служби во меѓувреме добиле информации дека Иран почнал да поставува мини во Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски патишта за транспорт на нафта. Според Трамп, американските удари уништиле 16 бродови за поставување мини и така ги попречиле тие планови.
Командантот на американската Централна команда, адмирал Бред Купер, изјави дека целта на операцијата е да се елиминира способноста на Иран да ја загрозува пловидбата и да проектира воена моќ во регионот. Тој додаде дека бројот на ирански ракетни и беспилотни напади значително се намалил.

