Утрински Весник
Македонија

Расте бројот на компании задоволни од бизнис-климата во Македонија вели Мицкоски

02f8e1c5 3ad6 5bc5 71cc ab833260e8cc.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата останува силно фокусирана на економијата и на подобрување на бизнис-климата, нагласувајќи дека странските и домашните инвеститори се подеднакво важни за развојот на државата.

По средбата со Советот на странски инвеститори во Стопанската комора, Мицкоски оцени дека дискусијата била плодна и успешна, додавајќи дека ваквите средби се значајни за подобро разбирање на предизвиците со кои се соочува бизнис-заедницата.


„За нас странските инвеститори се исклучително важни, исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е еден од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада“, изјави премиерот.

Тој посочи дека и покрај големите глобални предизвици, македонската економија постепено се движи кон стабилизирање и консолидација.

„Чувствуваме дека полека, но сигурно се движиме кон консолидирање. Предизвиците нема да запрат, но ние се обидуваме да ги предвидиме и да најдеме решенија за нив“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека силната економија и силниот бизнис сектор се меѓусебно поврзани и дека стабилниот буџет е предуслов за поголеми инвестиции во повеќе области.

Според него, со ликвидна економија и бизниси кои ги исполнуваат своите обврски кон буџетот, државата ќе може да инвестира повеќе во здравството, образованието и земјоделието, како и да обезбеди повисоки плати и пензии.

Мицкоски додаде дека Владата внимателно ќе ги анализира забелешките и аргументите на инвеститорите, со цел да се подобрат условите за работење.

„Задоволен сум од фактот што има двоцифрен раст на компаниите кои се задоволни од бизнис-климата и кои се подготвени да ги прошират своите инвестиции во земјата“, истакна премиерот.

Тој порача дека Владата ќе продолжи активно да работи на привлекување инвестиции и решавање на предизвиците со кои се соочува економијата.

„Ќе се бориме за секоја инвестиција и за секое евро вложено во земјата, бидејќи со секое вложување ќе имаме побогата и постабилна држава“, рече Мицкоски.

Премиерот им се заблагодари на членовите на Советот на странски инвеститори за организираната средба и најави дека следниот квартален состанок ќе се одржи во средината на јуни.

Можете да прочитате

Мицкоски на средба со претставници на големите маркети

Средба на Хоџа со претставници на ЕБОР: Продлабочување на партнерството со ЕБОР за модерна инфраструктура и зелени инвестиции 

Кочани остана без дизел: Бензинските пумпи велат дека немаат залихи!