Утрински Весник
Свет

Шест лица загинаа во автобус во Швајцарија: Патник се полеа со бензин и се запали

Image 2026 03 11 083803207.png

Шест лица загинаа, а најмалку четворица се повредени во пожар во автобус што сообраќал на редовна линија во западна Швајцарија, соопшти полицијата синоќа, цитирана од ДПА.

Тројца од повредените се во критична состојба, соопшти полицијата во кантонот Фрибург. Еден вработен во брзата помош е исто така повреден за време на спасувачките операции.


Несреќата се случила во општината Керцерс, западно од главниот град Берн.

„Можно е намерни дејствија да биле причина за оваа трагедија“, соопшти полицијата, додавајќи дека пламенот можеби бил намерно запален.

Запрашан да коментира дали може да станува збор за терористички чин, портпаролот на полицијата на прес-конференција посочи дека е прерано да се каже.

Швајцарскиот весник „Блик“ цитираше очевидец кој рекол дека еден човек се полеал со бензин, а потоа се самозапалил. Полицијата соопшти дека била информирана за инцидентот, но додаде дека во овој момент не може да го потврди.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека возилото е зафатено од пламен и густ чад се издига кон небото.

Пожарникарите го изгаснаа пожарот, но автобусот беше целосно уништен. Видео снимките покажаа голем број минувачи како го снимаат возилото што гори со своите мобилни телефони.

Полицијата не можеше веднаш да каже колку патници имало во автобусот или дали возачот е меѓу жртвите. Телата се идентификуваат. Исто така, не е јасно дали лицето кое можеби го запалило пожарот е меѓу загинатите.

Автобусот е во сопственост на ПостАуто, подружница на Свис Пост, која главно врши редовни патнички услуги во руралните средини.

Можете да прочитате

Погодени два танкера во Ормускиот Теснец, нови напади врз американски бази во Катар, Кувајт и Ирак

САД уништија 16 ирански бродови за поставување мини во близина на Ормускиот Теснец

Белата куќа вели дека САД нема да бидат „задоволни“ ако Русија споделува разузнавачки информации со Иран