
Иранската балистичка ракета со најголем оперативен дострел, „Саџил“, може да погоди цели на оддалеченост до 2.000 километри, покажуваат анализите на Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS), британски тинк-тенк специјализиран за безбедност и одбрана. Според експертите, сличен дострел имаат и иранските напаѓачки беспилотни летала од серијата „Шахед“, кои во последните години стануваат клучен дел од воената стратегија на Техеран.
Овој радиус на дејствување е доволен за погодување на градови како Атина и Москва, но не и за директен дострел до територијата на Обединетото Кралство. Сепак, британските воени бази во источниот Медитеран се наоѓаат во рамки на потенцијалниот дострел на иранските проектили.
Меѓу нив е и британската воздухопловна база RAF Акротири на Кипар, која според проценките може да биде погодена не само од ракетниот систем „Саџил“, туку и од проектилите „Гадр“ и „Емад-1“.
Во услови на актуелна ескалација на тензиите на Блискиот Исток, ова прашање повеќе не се смета за теоретско. Во изминатите денови се регистрирани неколку инциденти со дронови во близина на британските воени позиции на Кипар, што дополнително ја зголеми загриженоста за способностите на Иран во доменот на ракети и беспилотни летала со долг дострел.
Иран со години инвестира во развој на балистички проектили со среден дострел, гледајќи ги како основен столб на својата одбранбена и одвраќачка стратегија. Системите „Саџил“, „Гадр“ и „Емад“ му овозможуваат да покрие голем дел од Блискиот Исток и источниот Медитеран, а во комбинација со дронови за извидување и прецизни удари, создаваат капацитети што можат да ги загрозат воените бази, енергетската инфраструктура и поморските рути во регионот.
Иако Техеран се уште нема оперативни интерконтинентални балистички ракети способни да погодат западна Европа или Велика Британија, неговиот арсенал со дострел до 2.000 километри е доволен да ги опфати Израел, најголемиот дел од земјите од Персискиот Залив, како и делови од јужна и југоисточна Европа.
Поради тоа, западните воени бази во источниот Медитеран остануваат во потенцијален ризик доколку дојде до натамошна ескалација на конфликтот во регионот.


