
Црногорската полиција во сабота го уапси бизнисменот Александар „Ацо” Ѓукановиќ, брат на поранешниот претседател и премиер на Црна Гора Мило Ѓукановиќ. Приведувањето дошло по повеќечасовен претрес на неговиот стан во центарот на Подгорица и на семејната куќа во никшиќкото населба Растоци, при кој биле пронајдени три пушки, полициска опрема и панцир. Акцијата е спроведена по налог на Основното државно обвинителство.
Полицијата уште во петокот ја опколила зградата во Улица Вук Стефановиќ Караџиќ во центарот на Подгорица, каде се наоѓаат и станот на Ацо Ѓукановиќ и просториите на Прва банка – чиј мнозински сопственик е токму тој. Претресот траел од околу 13 часот до доцна во ноќта, а на некои места полицајците влегле со обивање врати.
Апсењето се случило по полноќ.
Ацо Ѓукановиќ е еден од најбогатите бизнисмени во Црна Гора. Целокупното негово богатство е акумулирано во периодот кога неговиот брат Мило управувал со земјата — прво како премиер, потоа како претседател, во период од три децении. Истражувачката мрежа OCCRP проценила дека неговиот имот достигнува и до 167 милиони долари.
Апсењето доаѓа непосредно откако и самиот Мило Ѓукановиќ бил сослушан во Специјалното државно обвинителство — во истрага за наводно непријавување часовници вредни до 225.000 евра на Агенцијата за спречување на корупцијата.

