Утрински Весник
Магазин

Бујни пејзажи, снежна покривка и свеж воздух: Што нуди црноморскиот регион на Туркије во зима

Foto trabzon manastir.jpg

National Geographic, во својата престижна годишна листа на најавтентични светски дестинации „Best of the World 2026“ го избра и Црноморскиот регион на Туркије, кој се протега долж северното крајбрежје на земјата. Оваа област, позната по бујните пејзажи и свежиот воздух, како особено атрактивна се смета во зима, а за туристите се препорачуваат неколку впечатливи рути.

Орду и Гиресун се први дестинации во регионот прекриени со богата снежна покривка, чии видиковци, висорамнини и шуми во зима нудат посебен мир и спокој. Жичницата во Бозтепе овозможува панорамско возење, бунгаловите покрај езерото Улуѓол се за комотен престој, а црквата во Градот Першембе е дел од атрактивната културна понуда. Сето тоа го прави Орду еден вид рафинирано зимско искуство, заедно со термалните извори, како и ски центарот Чамбаши.


Во градот Гиресун се советува да се посетат висорамнината Кјумбет, травертините Гоксу и водопадот Кузалан, а за патниците кои се љубители на автентична локална култура се препорачува посета на селото Кушкој познато по својот „свиркачки јазик“, кој е впишан на Листата на нематеријално културно наследство кое има потреба од итна заштита.

Во Трабзон, кој се смета за бисер на црното море, привлечен за посета е манастирот Сумела, кој се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО, а изгледа волшебно кога е обвиткан со снег. Покрај висорамнините и езерото Узунѓол, треба да се посетат и селата околу Трабзон, кои се лоцирани блиску до ски-центарот Зигана, а се полни со пријатни рурални куќички.

Интересни знаменитости има и во Ризе, каде замокот и мостот се спојуваат со пејзажите на висорамнината Ајдер, позната по своите зимски глетки и термални извори. Планината Овит е погодна за скијање и сноубординг, а во близина е и градот Шашвит, кој е дел од мрежата „Cittaslow“, каде влегуваат градови познати по концептот на мирно живеење.

Во Западното Црноморје, пак, на околу три часа возење од Истанбул, се наоѓа Болу, една од водечките зимски дестинации во тој регион, чии главни атракции се прошетките околу езерото Абант и Националниот парк Једигелер. Мирните градови Гојнук и Мудурну, пак, се познати по минералните извори. Единствената дестинација во Туркије која истовремено е впишана и на Листата на светско наследство на УНЕСКО и е дел од мрежата „Cittaslow“, Сафранболу, е позната по османлиските куќи и улиците од калдрма, особено убави во зима кога паѓа снег. Зимската понуда на регионот ја збогатуваат и крајбрежните градови Бартин, Синоп и Самсун, каде може да се видат бројни историски знаменитости, репликата на фериботот „Бандирма“, како и да се посети најсеверната точна на Туркије.

Секако, на туристите ќе им бидат на располагање и познатите регионални специјалитети, како што се кујмак, кој се подготвува од природен путер, пченкарно брашно и локално сирење, супата од црна зелка, зимницата, свежата риба, ќофтињата и сутлијашот во Трабзон, како и традиционалната пита и локум, а сѐ да биде надополнето со познатиот топол турски чај.

Можете да прочитате

Научниците откриваат зошто некои денови сме попродуктивни од други

Дневен хороскоп за 27 февруари 2026

Работни места што ќе исчезнат- и оние што ќе процветаат во 2026 година