
Собранието денеска во рамки на 89. пленарна седница ја утврди потребата за носење на пакетот закони со кои се нивелираат платите на избраните и именуваните лица. Со овие закони се предвидува платите на овие лица да им се намалат до 13.000 денари. Станува збор за измени на Законот за пратениците, на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, на Законот за платите на јавните обвинители, на Законот за платите на судиите, на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија. По одржување на матичните собраниски комисии, се очекува седницата да продолжи во 18:30 часот.
Со овие закони, како што образложи предлагачот – пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, се воспоставуваат реални висини на платите. Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Уставот и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
– Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд. Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец: за пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари – рече Стојаноски.
Собранието не го усвои Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, поднесен од пратениците од опозицијата. Опозициските пратеници посочија дека минималната плата не е само бројка, туку, како што рекоа, прашање дали едно семејство ќе може да ја плати сметката за струја, дали ќе има доволно храна до крјаот на месецот. Потенцираа дека „покачувањето на минималната плата значи инвестиција во нашиот најголем капитал – работниците“, бидејќи инвестициите во работниците, како што рекоа, се инвестиција во економијата, затоа што нема економија без задоволен работник.
Пратениците од власта истакнаа дека покачување на сите плати ќе има и народот ќе живее подобро, и покрај тоа што, како што потенцираа, треба да се вратат сите долгови и се што испокрадела претходната власт. Тие посочија дека СДСМ додека беа на власт беа отпуштени од работа 200 илјади лица и оти нивните министри не исплатиле плати на работници во разни институции. Потенцираа дека не се против зголемување на платите но, како што посочија, тоа да произлезе од разговор помеѓу сите засегнати и да има одржливо решение.
Изгласана беше потребата по скратена постапка да се донесат и Предлог на законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид, Предлог на законот за изменување на Законот за ветеринарно здравство и Предлог на законот за изменување на Законот за идентификација и регистрација на животните. Собранието донесе одлуки за објавување јавни огласи за состави на неколку институции – Одлуката за објавување јавен оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, Одлуката за објавување јавен оглас за именување директор и заменик на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата и Одлуката за објавување јавен оглас за именување на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.
Пратениците гласаа за именување на Никола Затуроски за претседател на Регулаторната комисија за домување, а Љубиша Јовановски, Зоранчо Димитров и Насер Жарки за членови на Комисијата.
Собранието ги усвои и Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2026 година и Предлог на одлуката за согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва за 2026 година.

