
Русија започна истрага против Павел Дуров, основачот на Телеграм. Постојат кривични обвиненија поврзани со тероризам. Москва презема чекори за блокирање на платформата за пораки.
„Дејствијата на лидерот на Телеграм, Павел Дуров, се истражуваат во кривична постапка за кривично дело согласно Дел 1.1 од член 205.1 (поддршка на терористички активности) од рускиот Кривичен законик“, објави рускиот државен весник „Росијскаја Газета“.
Весникот тврди дека Телеграм станал алатка на НАТО и Украина, која е широко користена од радикали и терористи и дека претставува „закана за руското општество“.
Телеграм не одговори на барањето за коментар од британската агенција Ројтерс.
Апликацијата постојано ги негираше руските тврдења дека е рај за криминални активности и дека е компромитирана од западните и украинските разузнавачки служби.
Од своето основање во 2013 година, Телеграм стана еден од најважните извори на информации во Русија, вклучително и за војниците од двете страни на линијата на фронтот во источна Украина.
Апликацијата ја користи Кремљ, како и блогерите и оние кои го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин.

