Утрински Весник
Македонија

Започна Велигденскиот пост – 24info.mk

Post.webp.webp

За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 12 април.

Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:


Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за празникот. Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение. Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха. Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден. Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2). Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости. Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:

1. Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.

2. Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.

А Велигден е празник на Воскресението и на Животот. Нова Пасха. Премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста.

Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Можете да прочитате

Полицијата во Струмица уапси четири лица за палење на „Ланд Ровер“

Нов случај на семејно насилство во Охрид

МНР апелира: Македонските државјани да го напуштат Мексико поради влошена безбедносна состојба