
Со натпреварите меѓу Вардар – Башкими и Пелистер – Струга, денеска продолжува 19 коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
По двете стартни победи во пролетниот дел од сезоната, Арсими и Работнички, лидерот Вардар посакува и трета радост, иако голманот на „црвено – црните“ Давор Талески, истакна дека Башкими е незгоден противник.
„Да, добро го започнавме пролетниот дел од сезоната, и тоа секако дека ни годи. Сепак, никако не смееме да помислиме дека нештата за нас ќе одат лесно. Кога си играч на Вардар, секој меч значи битка и тоа вистинска затоа што секој противник дава максимум против нас. Нема дилеми тука. Така ќе биде и денеска. Башкими е незгоден на негов терен, но и на гостински. Знае оваа екипа и тоа како да одигра добро, но од друга страна ние сме подготвени. Знаеме што треба да направиме за да стигнеме до нова победа и три бода пролетва во шампионатот“ – изјави голманот на Вардар, Давор Талески.
Во воведниот натпревар вчера, Работнички триумфираше над АП Брера во Струмица со 4-3.


