Утрински Весник
Свет

Над 50.000 уапсени по протестите во Иран

Iran zname.webp.webp

Иранските безбедносни служби привеле најмалку 50.000 лица ширум државата по бруталното задушување на масовните протести во кои, според извештаи на организации за човекови права, животот го загубиле илјадници луѓе. Меѓу уапсените има студенти, лекари, адвокати, активисти и малолетници, а дел од нив се задржани на тајни локации без пристап до адвокат и без можност да контактираат со семејствата.

Официјалните власти соопштија дека во протестите на 8 и 9 јануари загинале нешто повеќе од 3.000 лица. Сепак, независни организации, повикувајќи се на болнички податоци, медицински извори и сведоштва од роднини, тврдат дека бројот на жртви може да достигне 30.000, а во одредени извештаи се споменува и бројка од 43.000.

Демонстрациите започнаа кон крајот на декември како реакција на економската состојба, но брзо прераснаа во пошироки антивладини собири. На 8 јануари властите воведоа целосно исклучување на интернетот на национално ниво, кое траеше 18 дена, по што следуваа и дополнителни прекини. Iran Human Rights NGO соопшти дека најмалку 26 демонстранти биле осудени на смрт во изминатиот месец.

Според организациите, стотици други лица – меѓу кои и деца – се соочуваат со обвиненија што можат да резултираат со смртна казна. Наводно, пресудите се темелат на признанија изнудени под тортура и без фер судска постапка. Само оваа недела, повеќе од 30 лица биле егзекутирани во затворите, тврдат активистите. Дел од судењата биле одржани онлајн, при што 14 демонстранти добиле смртна казна во една таква постапка.

Организацијата HRANA објави дека државните медиуми емитувале стотици случаи на присилни признанија, додека повеќе од 11.000 граѓани биле повикани на разговор во безбедносните служби. Видеоснимки од погреби на загинати демонстранти, според групите за човекови права, покажуваат интервенции на безбедносните сили и пукање кон присутните.

Во меѓувреме, судските власти започнале постапки за конфискација на имот на лица осомничени дека ги поддржувале протестите. Обвинители во неколку провинции најавиле одземање на сопственост од бизнисмени и јавни личности за кои тврдат дека поттикнувале немири.

Меѓу приведените е и Мохамед Саединиа, сопственик на синџирот кафулиња „Саединиа“, кој јавно изразил поддршка за демонстрантите. И покрај неговото подоцнежно ослободување, властите му ги конфискувале средствата и имотот. Иако бил познат како донатор и основач на дом за стари лица во градот Ком, бил принуден да потпише изјава за извинување. Според ХРАНА, семејствата на притворените биле обврзани да присуствуваат на официјални манифестации по повод годишнината од револуцијата во 1979 година и да достават доказ за присуство како услов за кауција.

Можете да прочитате

Извршителите на тестаментот на Џефри Епстин се согласија на исплата од 35 милиони долари за решавање на колективната тужба

Британија очекува да остане повластена во трговијата со САД

Нова трамвајска несреќа во Сараево