Утрински Весник
Свет

Британска двојка осудена на 10 години затвор во Иран поради обвинение за шпионажа

Zatvor.jpg

Британските државјани Линдзи и Крег Форман се осудени на по 10 години затвор во Иран поради обвинение за шпионажа, соопшти нивното семејство.

Двојката од Источен Сасекс е уапсена во јануари минатата година за време на патување со мотоцикл низ Иран и се наоѓа во затворот Евин во Техеран, објави Скај њуз.

Тие ги негираат обвиненијата, а пресудата беше изречена по тричасовно судење на 27 октомври пред судијата Аболгасем Салавати во Исламскиот револуционерен суд.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја осуди казната како „крајно ужасна и неоправдана“, велејќи дека владата ќе работи неуморно за да ги врати во Велика Британија.

Синот на Линдзи Форман, Џо Бенет, рече дека на двојката не и било дозволено да ја изнесе одбраната и дека не се презентирани докази за поддршка на обвиненијата. Тој додаде дека тие веќе поминале повеќе од 13 месеци во притвор и изрази загриженост за нивната здравствена состојба и недостигот на транспарентност во постапката.

Пред изрекувањето на пресудата, Крег Форман ги опиша тешките услови во притвор и 57-те дена што ги поминал во самица, наведувајќи дека тие „физички и емоционално го скршиле“.

Министерството за надворешни работи на Велика Британија ги предупредува граѓаните да не патуваат во Иран поради ризикот од апсење и притвор. Во последниве години, Техеран уапси повеќе странски државјани и лица со двојно државјанство, што западните земји и организациите за човекови права го оценуваат како политички мотивиран потег.

Можете да прочитате

Поранешниот принц Ендру ослободен од притвор

Трамп најави милијарди долари помош за Газа на првиот состанок на Одборот за мир

Амбасадорот на Кина во Србија: Мешањето на некои земји во кинеско-српската соработка е политика на блокови