Утрински Весник
Македонија

Стар, мал и ограничен, колегите ни се смеат – Сиљановска-Давкова за владиниот авион

634324970 1462704388564523 132699292471868458 n.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со користењето на владиниот авион, со доза хумор, но и критички осврт, ја опиша состојбата со државниот воздухоплов, посочувајќи дека наместо привилегија, тој често претставува сериозен предизвик.

„Моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат ‘авиончето на браќата Рајт’, бидејќи е најмало и најстаро“, изјави Сиљановска-Давкова, додавајќи дека леталото е старо 25 години и е купено како веќе користен авион.

Претседателката истакна дека секогаш чувствува дилема кога мора да го користи, но нагласи дека во одредени ситуации тоа е единствената опција за навремено извршување на државните обврски. Според неа, и покрај староста на авионот, неговата употреба понекогаш е и поекономична во споредба со комерцијалните летови, особено кога станува збор за службени патувања со прецизен распоред.

Сепак, таа посочи дека најголемиот проблем е ограничениот капацитет на леталото, што создава дополнителни логистички потешкотии при официјалните посети.

„Порационално и поефтино би било да имаме поголем авион, бидејќи со еден лет би можеле да патуваат повеќе луѓе и да се враќаат кога сакаат. Мој голем хендикеп е што со нас не можат да патуваат новинари. Кај моите колеги претседатели секогаш доаѓаат и новинарски екипи“, истакна Сиљановска-Давкова.

Со оваа изјава претседателката укажа дека состојбата со државниот авион не само што има технички и организациски ограничувања, туку влијае и врз транспарентноста и медиумското следење на официјалните посети, што е вообичаена практика во повеќето европски држави.

Можете да прочитате

СДСМ: Сиљановска вели колегите и кажале за авионот, а што велат за најниските плати во Европа

Најмногу поскапеле становите во Куманово, Тетово, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба

Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар