Утрински Весник
Македонија

Девет нови амбасадори – Муртезани нов амбасадор во НАТО, Мангова оди во Лондон, Салиеска Иљазоска во Хаг

Mk Nato E1741851162108.jpg

Екс министерот за европски прашања Орхан Муртезани ќе биде нов македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел. Тој е еден од деветтемина нови амбасадори чии имиња поминале на денешната владина седница.

Како што дознава Сител од свои извори, нов амбасадор во Лондон ќе биде Илина Мангова, која зад себе има долгогодишна кариера во невладиниот сектор и била дел од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Останатите предложени амбасадори се дипломати од кариера со долгогодишно искуство во Министерството за надворешни работи. Меѓу нив е и Линда Салиеска Иљазоска, која во моментов е дел од кабинетот на министерот Тимчо Муцунски. Таа има речиси две децении дипломатско искуство и повеќе мисии во дипломатските претставништва низ Европа, а по завршување на процедурите се очекува да биде нов амбасадор во Хаг.

Согласно законските процедури, сите девет кандидати ќе треба своите дипломатски платформи да ги претстават пред собраниската Комисија за надворешна политика, по што претседателката Гордана Сиљановска Давкова треба и официјално да ги потпише указите за нивно упатување во дипломатските мисии. Според информациите, списокот на нови амбасадори веќе е усогласен меѓу претседателката, Министерството за надворешни работи и Владата.

Покрај амбасадорските позиции, Владата донела одлука и за именување на две лица на конзуларни функции во Мелбурн и Солун.

Од претходно се познати и имињата на Веле Трпевски како амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген, кои исто така ја чекаат процедурата во Собранието.

По комплетирањето на сите постапки, бројот на дипломати испратени во мандатот на министерот Муцунски ќе достигне 18. Од нив, над 60 проценти, односно 11 амбасадори и конзули, се дипломати од кариера, што е во насока на заложбите за професионализација на дипломатската мрежа и во согласност со новиот Закон за надворешни работи, кој предвидува најмалку половина од амбасадорите да бидат професионални дипломати.

Можете да прочитате

Одбиваше протести за 600 евра минимална плата – Ралповски именуван во УО на ПИОМ

Укината забраната за сообраќај на камиони на патниот правец Гостивар-Стража

Загина лице во сообраќајка во Скопје