
Вечерва се најавени протести во повеќе градови низ Србија. Повикот за излегување на улица доаѓа од студенти и граѓански иницијативи, како реакција на нападите врз студентите од страна на поддржувачи на Српската напредна странка.
Граѓаните на Нови Сад повикаа на протестен собир во 18:00 часот на Театарскиот плоштад.
Организаторите наведуваат дека сакаат да им дадат поддршка на студентите кои, како што велат, веќе 15 месеци водат борба, а наместо дијалог добиваат закани и насилство.
Студентите во блокада најавија собирање на две локации во главниот град – кај Ушќе и на улицата Кнеза Милоша. Протестот ќе се одржи под слоганот „Белград не молчи“.
Според објавените фотографии и пораките на социјалните мрежи, собирот е директна реакција на насилството врз нивните колеги во Нови Сад.
Протест со истото име е најавен и во Ниш. Граѓанските хорови ги повикаа сограѓаните да излезат во 18:00 часот со пораката „Нови Саде, ние сме со тебе“.
Студентите од Краљево исто така повикаа на протест на солидарност поради, како што велат, насилството и неодговорот на полицијата за време на нападот врз нивните колеги.

