
Спам пораки со „ексклузивни“ попусти и примамливи понуди се во нагорен тренд пред 14 февруари, бидејќи кибер-криминалците го користат Денот на вљубените за измами, покажува истражување на безбедносната компанија Bitdefender.
Според анализата, дури 41 процент од спам пораките поврзани со празникот имаат измамничка цел. Најчестите методи вклучуваат фишинг, романтични измами, лажни наградни игри, барања за авансно плаќање и измамнички анкети.
Најпогодена земја се САД, со 55 проценти од пресретнатите вакви пораки, по што следуваат Германија (13%), Ирска (8%) и Обединетото Кралство (6%). Истовремено, САД се и главен извор на вакви кампањи со 43 проценти од регистрираниот спам, пред Бразил, Хонг Конг и Кина.
Околу 10 проценти од пораките користат лажни профили за запознавање, често со фотографии генерирани со вештачка интелигенција. Дел од измамите се базираат и на лажно претставување како познати трговци или луксузни брендови.
Од Bitdefender советуваат корисниците да бидат внимателни со е-пошта, СМС и пораки на социјалните мрежи што нудат бесплатни подароци или неверојатни попусти и секогаш да ја проверуваат веродостојноста пред да кликнат или одговорат.

