Утрински Весник
Македонија

Нови обилни дождови носат опасност од нови поплавувања во Македонија

Meteoalarm.mk 5.png

Метео анализа на Славчо Попоски:

Под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив викендов во Македонија повторно ќе имаме нова голема промена на времето. Особено денес попладне  и навечер како и во текот на ноќта кон недела  и во недела насекаде кај нас ќе има врнежи од дожд кои на повеќе места ќе бидат обилни и проследени со силен ветер од јужен и од југоисточен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Локално ќе биде  и нестабилно со поројни врнежи од дожд, силен ветер и појава на грмежи во форма на невреме.

За време на овој голем бран на врнежи локално повторно ќе наврне ново големо количество на воден талог (над 30 литри на метар квадратен воден талог).

На планините пак со надморска височина од над 1400/1500 метри особено во западните  и во северозападните предели од Македонија врнежите ќе бидат од снег.

И во Скопје и околината за време на овој голем бран на врнежи ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и проследени со повремено силен ветер од јужен и од југоисточен правец (во делови од котлината повремено со брзина од над 60 км/час).

Што се однесува до температурите тие поради јужното воздушно струење викендов ќе бидат над просекот за овој период од годината  и речиси насекаде во Македонија ќе надминуваат 10 степени а на повеќе места тие ќе се искачат до околу 15 степени. Во Повардарието и во југоисточните предели од Македонија температурата очекувам викендов да се искачи до близу 20 степени.

Да напоменам дека поради очекуваните нови обилни дождови викендов повторно постои ризик од ново зголемување на нивоата на реките  и езерата во Македонија како и можност за излевање на реките и опасност од нови поплавувања. Токму поради ова апелирам особено возачите да бидат крајно внимателни и да не се движат покрај водотеците.

Можете да прочитате

Возел без возачка, па полицијата во Кичево му го одзелa автомобилот

Николоски од Неготино посака добар род и вети континуирана поддршка од Владата за лозарите

Левица: Манипулациите од типот „жена, мајка, карлица” не ја перат Дафина