
Организаторите на зимските Олимписки игри во Милано/Кортина се соочија со неочекуван проблем уште во првата натпреварувачка недела, откако во Олимпиското село останало без кондоми. Според информациите на италијанскиот весник „Ла Стампа“, сите 10.000 кондоми кои бесплатно им биле ставени на располагање на спортистите биле потрошени за само три дена.
Како што пренесува медиумот, еден спортист кој сакал да остане анонимен изјавил дека организаторите најавиле нова пратка, но засега не е познато кога таа ќе пристигне.
Практиката за бесплатна дистрибуција на кондоми на Олимписките игри постои уште од Игрите во Сеул во 1988 година, со цел промовирање на безбедни сексуални односи меѓу спортистите. Сепак, бројката од 10.000 кондоми за околу 2.900 спортисти, односно нешто повеќе од три по лице, се покажала како недоволна.
За споредба, на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година биле поделени околу 450.000 кондоми или просечно 42 по спортист. Во Париз во 2024 година биле обезбедени повеќе од 200.000, додека на Игрите во Токио во 2021 година, и покрај ограничувањата поради пандемијата на ковид-19, биле достапни околу 160.000. На зимската Олимпијада во Пјонгчанг биле набавени 110.000 кондоми.
Во споредба со претходните изданија на Олимписките игри, бројката во Милано/Кортина е значително помала, што, според коментарите во медиумите, довело до неочекуван недостиг уште во раната фаза од натпреварувањата.

