
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во емисијата „Само интервју” на Канал 5, нагласи дека власта мора да одговори на клучните прашања поврзани со случајот со запленетата дрога во Србија, а која потекнува од Македонија. Филипче посочи дека институциите не смеат да молчат кога станува збор за сериозен скандал од вакви размери.
„Главното прашање е како поминала дрогата преку граница? Како четири или пет шлепери со пет тона марихуана поминале преку граница? Кога се врши транспорт на марихуана, макар и од едно место на производство во друго кај нас внатре во земјата, мора да има документи, дозвола од МАЛМЕД, тоа е Агенцијата за лекови, и тоа мора да е со полициска придружба. Како тогаш немало полициска придружба за оваа дрога? Кој бил на смена на граница, на царина?”, рече Филипче.
Во интервјуто Филипче нагласи дека сите информации во јавноста се од страна на српските институции, наместо од македонските.
„Еве го документот од српското обвинителство во кој што јасно се кажува дека дрогата потекнува од Македонија, ние не шпекулираме. Вистинското прашање е зошто нема одговори од институциите? Има ли снимки, дали некој ги пропуштил на граница. Кој бил на смена од цариниците, кој бил на смена од полициските службеници и тоа се прашања на коишто ниту премиерот, ниту владата не одговараат, ниту некоја од соодветните институции. Тоа се вистинските прашања”, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски наместо да одговори на клучните прашање, единствено што прави е фотографирање.
„Зошто премиерот глуми истражител, и полицаец, и судија, обвинител и оди се слика и открива тајни локации којшто ги користи Министерството за внатрешни работи. Тоа се прашањата на коишто треба да се да се одговори. Се што се направи кај нас, отиде премиерот да се слика. Премногу е сериозен скандалот за да ние го премолчиме”, рече Филипче.

