
Соопштение за јавност на Левица:
Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, очигледно одлучила сопствените нервози да ги истура врз вработените во институцијата која треба да биде бастион на интегритетот.
До Левица пристигнуваат сериозни информации дека вработени во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што создало атмосфера на страв и притисок. Според истите сознанија, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.
Јасно е дека антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата. Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Затоа, јавно ја повикуваме Цвета Ристовска да престане да ги истура своите фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Антикорупциската комисија не смее да биде место каде се кршат основните права на вработените, додека истовремено се глумат морални арбитри за целото општество. Ако ваквото однесување се толерира, тогаш станува јасно зошто оваа институција веќе служи за заташкување на корупцијата, а не за нејзино санкционирање.
Дополнително, ја информираме јавноста дека во најбрз можен рок, пратениците од Левица, имајќи ги предвид сите досега обзнанети информации, но и допочнителни информации коишто ни пристигаат – ќе иницираат постапка за разрешување на антикорупционерката Ристовска.


