
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека се подготвуваат технички разговори за евентуално обновување на директните преговори меѓу Европа и Русија за конфликтот во Украина, пренесува „Политико“. „Мораме да бидеме подготвени, затоа се во тек технички разговори за да се овозможи тоа“, рече Макрон одговарајќи на новинарско прашање за неговиот повик од декември за повторно воведување на дијалог со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој нагласи дека е важно Европејците да ги обноват каналите за комуникација со Русија, но сите разговори со Путин ќе бидат координирани со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и со клучните европски партнери. Макрон ја истакна и улогата на „Коалицијата на волјата“ – група земји кои ја поддржуваат Украина. Францускиот претседател, сепак, оцени дека Русија со продолжувањето на бомбардирањето на украинскиот цивилен сектор и енергетска инфраструктура не покажува вистинска подготвеност за мировен договор. „Денес продолжуваме да ја поддржуваме Украина, која е под бомби и на студ, што е неприфатливо и не покажува волја за преговори“, додаде Макрон, пренесува Танјуг.

