Утрински Весник
Македонија

СДА: Земјата е во општествена криза, време е за демократска акција!

Sda mk logo.png

Странка на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) вчера организираше трибина на тема “Предизвиците на Северна Македонија во 2026 година”, која се одржа во “Best Western Hotel Turist”, а на која свое излагање имаше претседателот на партијата, Џелал Хоџиќ.

Претседателот на СДА Македонија, г-дин Хоџиќ, во своето обраќање истакна дека поради блокираните евроинтеграции на државата, авторитарните тенденции на власта, лошата економска состојба проследена со огромните задолжувања во милијарди евра, негативното влијание на „српскиот свет”, власта со неодговорната политика Северна Македонија ја внесе во општествена криза.

Владата со надворешната политика ја изолира Северна Македонија од демократскиот свет, а сето тоа го прави во целосна координација со авторитарните режими на Орбан и Вучиќ, познати како главни прокси “играчи” на Путин во ЕУ и на Западен Балкан.  

Сметаме дека власта со досегашното владеење покажа дека нема политичка волја да направи уставни измени и да го продолжи европскиот пат на државата. Власта покажа и дека нема капацитет да направи целосни реформи во повеќе области, со кои би се подобрил животниот стандард на граѓаните. 

Владејачкото мнозинство ја игнорира потребата за усвојување измени и дополнувања во законите, со кои на сите оние политичари кои се наоѓаат на “Црните листи” на САД, ЕУ и Велика Британија времено би им престанала функцијата, како и на оние бизнисмени кои се наоѓаат на истите “Црни листи”, на нивните компании времено би им се забранило да учествуваат на тендери распишани од јавни институции на државно и локално ниво.  

Сметаме дека негативните резултати од неодговорното владеење веќе пристигнуваат, како и дека последиците од нив граѓаните веќе ги чувствуваат. Убедени сме дека во периодот кој доаѓа, за жал, последиците по државата и граѓаните ќе бидат уште поголеми.

СДА Македонија во следниот период ќе почне теренска кампања, која предвидува редовни средби со граѓаните со мото “Време е за демократска акција!”. Кампањата има цел, заедно со граѓаните да проговориме за проблемите кои неодговорната власт ги игнорира и заеднички да ги побараме најдобрите решенија.

Ги повикуваме сите демократски чинители во општеството, кои во својата визија Северна Македонија ја гледаат како членка на ЕУ, да почнат сериозни разговори за последиците од изолацијата на државата. Сметаме дека е потребно обединување на напорите на сите прозападни сили, без разлика на етничката припадност и моменталниот политички распоред, за државата да се врати на европскиот пат.

Можете да прочитате

Трајановски: За власта судството е маша за заплашување и притисок врз опозицијата

Како пет тона дрога завршиле во Србија преку Македонија, прашуваат од СДСМ

10годишно девојче повредено од заталкан куршум во општина Сарај