
Колумна на проф. д-р Иван Анастасовски
Денес, во екот на 21 век, сосема легитимно се поставува прашањето дали сме и кои тоа се/сме дигитално (не)писмени, постои ли сериозен генерациски јаз и дали тие разлики се премостливи?
Нашата држава во тој дел има свое засебно министерство (што е одлична работа), но во исто време се поставува прашањето за неговата активност во насока на потребата за унапредување, промовирање и развивање на дигиталната писменост кај граѓаните од сите возрасти, а посебно на младите луѓе и генерациите што доаѓаат.
Дигиталната писменост не се врзува само со возраста (иако носи предност), туку таа само по себе е тесно поврзана и со образованието, социоекономскиот статус, пристапот до интернет и технологијата и институционалната поддршка за секој еден поединец во општеството.
Јас припаѓам на генерациите 1965-1980 кои во теоријата се познати како „Генерација Х“ или MTV генерација, со слободен рокерски дух, понекогаш цинични и исклучени од случувањата во светот, но која се собираше во една соба секоја недела и во 19:15 часот чекаше да го гледа цртаниот филм “Мечето ушко“, во истовреме чудејќи се на Комодоре 64. По нас дојде „Генерацијата У“ (1981-1996) или попознати како “Милениумци“ – генерација која почнува полека да живее во дигиталeн свет. И самите тие се навикнати да ги живеат своите животи многу ефикасно, што значи дека не трошат многу време на непродуктивни нешта и искусуваат многу различни работи во текот на нивните животи. Конечно, она што е сфера на интерес на оваа писание – т.н. првата глобална генерација или „Генерација Z“ (родени приближно помеѓу 1997–2012 година) – е генерација која се смета за дигитално писмена. Сепак, најкарактеристично за нив е дека тие се соочуваат со специфични психосоцијални и економски предизвици кои произлегуваат од интензитетот на динамичните општествени, технолошки и пазарни промени со кој не се соочила ниту една генерација пред нив. Зголемената употреба на дигитални технологии, намалената физичка активност, зголеменото ниво на стрес, анксиозност и социјален притисок, како и економската несигурност, невработеноста и зависноста од семејните ресурси, значајно го засегаат физичкото и менталното здравје на младите.
Токму поради овие причини, како група истражувачи од Институтот Глобал кои сме во науката, бизнисот, економијата, образованието и други општествени сегменти, решивме да се потпреме на сопствените ресурси и да ги истражиме психолошките и економските корелати на квалитетот на живот, како и неговата поврзаност со физичката активност кај млади од генерација Z кај нас и во САД. Целта ни е да ги испитаме потребите на оваа нова глобална генерација во нашата земја, во насока на градење соодветни национални политики за тоа како да се зголеми мотивацијата на младите да останат во нашата држава, а не да заминуваат надвор за да си обезбедат подобра иднина. Ова е важно, затоа што за да ги развивате националните политики за младите и нивната перспектива потребно е да ја скенирате целокупната ситуација во која се наоѓа, пред се, генерацијата Z локално, но и да направите крос-културна споредба за да ги увидите сличностите и разликите во условите за развој на овие млади луѓе, нивните приоритети и можностите за реализирање на нивните цели во животот. Во таа смисла, во план е да се опфатат и нивни врсници од САД, како една од земјите кои припаѓаат во кропусот на т.н. WEIRD (Western, Educated, Industrial, Rich and Democratic) култури, имајќи предвид дека разликите во културата можат различно да го засегнат квалитетот на живот на луѓето.
Размислувањето е дека генерациите кои растат во дигитален свет(пред се оние кои се во фокусот овде – Генерација Z и дел од Милениумците – но уште повеќе Генерацијата Алфа и онаа што доаѓа по неа – Ген Бета родени од 2025 па натаму), многу рано и бргу се прилагодуваат на новите технологии и на дигиталните платформи, развиваат дигитални вештини (онлајн учење, дигитална комуникација, е-услуги), имаат изразена вештина за пребарување информации (но не секогаш и критичен став и проценка), глобално се поврзани и градат т.н. дигитален идентитет. Нивните предности во ова дигитално време би требало да се (а дали е така, не сум сигурен) поголемите можности за вработување и фриленс, полесниот пристап до образование и информации, поголемата социјална мобилност итн. Сепак, оваа нова глобална генерација истовремено се соочува и со одредени предизвици поврзани со дигитална зависност, преоптовареност со илјадници нефилтрирани (можеби и непотребни) информации, но и она што е најзначајно – серизно намалена физичка активност и пониски „офлајн“ социјални вештини.
Од другата страна стоиме ние од генерациите кои се нарекуваат „Тивка генерација“ (баба ми), „Бејби бумери“ (мајка ми) и мојата „Генерација X“. За дел од нив може да се каже дека припаѓат во дигитално помалку писмени генерации, бидејќи целиот процес на нивната социјализација воопшто не се одвивал во дигитален свет како што е случај сега. Поинаку кажано, слабостите на овие генерации гледно од ваков аспект, се движат во насока на ограничен пристап до знаење (ако ја немало книгата во библиотека, не си ни можел да ја прочиташ, за разлика од денес кога информациите е достапни на само еден „клик“), потоа доминантната зависност од други лица или институции и слично. Меѓу другото, ова се едни од причините за генерацискиот јаз кој денес е многу изразен (иако не и нов), па едноставно може да се каже дека постои тивка „борба“ помеѓу генерациите (т.е. она што ние го сакаме, наспроти она што тие го можат).
Чувството на бесперспективност и недоверба дека трудот ќе се исплати се рефлектира кај голем дел од младите од Генерацијата Z кај нас, во фразите како, на пример: „и да се трудам, нема да успеам без врски“, „системот не игра фер“ и „иднината ми е надвор, не тука“. Ова резултира со неколку клучни последици, како што е масовната ориентација кон иселување кое не е само од економски причини, туку е во една смисла и психолошка емиграција каде младите се „тука со телото, а надвор со умот“ или каде постои слаб интерес за градење долгорочна иднина во државата. Со самото тоа, нивното ментално здравје е под постојан притисок од хроничен стрес, неизвесност, анксиозност и чувство на загубена контрола и споредување со „совршени животи“ на социјалните мрежи, особено кај студенти и млади вработени. Имајќи предвид дека подоброто ментално здравје е поврзано со повисок квалитет на живот, дигиталната писменост би можела пошироко да се разгледува и од аспект на „паметно“ користење на дигиталните платформи (иако ништо не може во целост да го замени директниот контакт лице-в-лице), за да се обезбеди социјална вклученост и меѓусебни интеракции во насока на одржување на социјалните врски, преку градење чувство на припадност и меѓусебна поврзаност.
Ниската или слаба физичка активност и нездравите навики како што се седентарниот животен стил, нарушениот сон, нередовната исхрана и слично, каде физичката активност често е луксуз, а не навика, исто така директно го засега квалитетот на живот на младите луѓе. Дополнително, кај дел од младите присутни се и политичка и граѓанска апатија што се забележува во нивната недоверба во институциите на системот, а се препознава во наративот „сите се исти“ и резултира со нивно повлекување наместо со ангажман. Квалитетот на живот на младите луѓе во голема мера е детерминиран и од економските корелати, како што се можноста за вработување, стабилноста на работното место, висината на приходите и нивната редовност што, пак, води кон економска сигурност. Водејќи сметка за целиот контекст во кој расте и се развива оваа глобална дигитална генерација, дигитално писмените поединци би требало да имаат поголеми можности за вработување (remote, фриленс, дигитални професии), како и подобра адаптација на пазарот на труд.
Имајќи го предвид наведеното, јасно е дека во 21-от век дигиталната писменост претставува значаен социјален и економски ресурс кој директно и индиректно го унапредува квалитетот на живот преку подобро образование, можности за вработување, водење на здрав животен стил, социјална вклученост и автономија. Дигиталната неписменост, напротив, ја продлабочува социјалната нееднаквост и го намалува општиот животен стандард. Од тие причини со право очекуваме да добиеме квалитетни информации со што би можеле да ѝ помогнеме на нашата држава во однос на креирање политики соодветни за и применливи на новите глобални генерации во кои припаѓаат и нашите млади луѓе.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


